Адријано Галијани изјави дека клубот е подготвен да им ги врати парите на сопствениците на сезонски билети кои се незадоволни од заминувањето на голем број играчи ова лето.
Милан во 2011 година ја освои 18-та титула шампион на Италија, а минатата сезона ја заврши на второто место зад Јувентус.
„Подготвени сме да им ги вратиме парите на оние сопственици на сезонските билети кои не се задоволни со нашата трансфер политика ова лето“ рече Галијани.
Милан по крајот на сезоната го напуштија ветераните: Неста, Филипо Инзаги, Кларенс Сидорф, Џенаро Гатузо, Марк ван Бомел и Џанлука Ѕамброта; додека пред неколку дена на ПСЖ му беа продадени Златан Ибрахимовиќ и Тијаго Силва. Според наводите на италијанските медиуми блиску до заминувањето е и искусниот напаѓач Антонио Касано.
Продажбата на годишните билети за сезоната 2012/2013 се одвива далеку полошо од минатото лето, а одредени навивачи најавија дека ќе го тужат клубот поради лажна реклама, бидејќи меѓу промоторите на новата сезона беа и Ибрахимовиќ и Силва.
По заминувањето на 12 фудбалери ова лето, медиумите и фудбалските стручњаци во Италија сметаат дека трофејниот клуб во новата сезона нема да може да оствари забележителен резултат.