Мики Маус станува јавно добро, можни се правни битки


Речиси еден век по неговото деби на големото платно, најпознатиот глушец во светот, Мики Маус, повеќе нема да ѝ припаѓа на компанијата што го создаде од 1-ви јануари 2024 година, туку станува јавно добро, по што се очекуваат можни нови верзии на цртани филмови, адаптации, но и правни битки со компанијата и студијата „Walt Disney“.

Авторските права на „Паробродот Вили“, кратка црно-бела анимација од 1928 година, која првпат го претстави палавиот глодар кој ќе стане симбол на американската поп- култура, според американските закони, истекуваат по 95 години, односно на 1-ви јануари. Тоа значи дека ликот на познатиот глушец и неговата глувчица Мина од тој цртан филм ќе можат да ги користи кој како сака, па дури и за комерцијални цели, пишува AFP.

Помодерна верзија на глувчето од современите цртани филмови ќе продолжи да припаѓа на компанијата „Walt Disney“ уште некое време. Во претходните години, компанијата се обидуваше да издејствува да се промени законот со цел да ги продолжи авторските права.

„Ова е длабоко симболичен и многу очекуван момент“, вели Џенифер Џенкинс, директорка на Центарот за јавно добро при Универзитетот Дјук.

Сега секој може да копира, споделува, повторно да користи и да прави адаптации на цртаните филмови на „Walt Disney“ од 1928 година. Подоцнежните верзии на ликовите на Мики Маус и Мини сè уште не се јавно добро и не смеат да се репродуцираат без дозвола од адвокатите на компанијата.

Сепак, уметниците ќе можат слободно да креираат нови верзии на „Паробродот Вили“ во согласност, на пример, со климатските промени, така што бродот на Мики може да се насука на пресушено корито на реката, а не би било изненадувачки ако феминистичка верзија на цртаниот филм во кој Мини го презема кормилото, пишува AFP во согласност со новите неолиберални трендови кои се наматнуваат во светот.

Може да се случи и Мики Маус и Мини Маус да завршат како главни негативци на хорор филм. Тоа се случи минатата година со Вини наречено Пу и Прасето кога се претворија во крвожедни убијци во филмот „Вини Пу: Крв и мед“.

Од „Walt Disney“ објавија дека „ќе продолжат да ги штитат своите права за модерните верзии на Мики Маус и другите дела што остануваат под заштитата на авторските права“.

„Помодерните верзии нема да бидат засегнати од истекувањето на авторските права за ‘Паробродот Вили’, а Мики Маус ќе продолжи да игра водечка улога како глобален амбасадор на Disney во нашите приказни, атракции за тематски паркови и брендирани производи“, соопшти компанијата.

Џастин Хјуз, професор на Правниот факултет Лојола, истакнува дека Мики Маус, како што им е познат на сегашните генерации Американци, ќе продолжи да биде под заштита на авторските права, но тој исто така објаснува дека во „Walt Disney“ биле многу итри па култните инсерти од анимираниот филм „Паробродот Вили“ ги погласиле за бренд.

„Ова значи дека секој што ги користи познатите цртежи на Мики на маици или шолји ќе може да биде кривично гонет“, смета Хјуз.

Меѓутоа, други правни експерти тврдат дека Врховниот суд на САД јасно стави до знаење дека трговската марка не може да се користи како авторско право. Двете страни се согласуваат дека законот што сега е на сила ќе го има тестот во судницата.

- Реклама -