Мицкоски: Имаме академија, тоа е МАНУ… иднината не е во поделби, туку во обединување

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија.

Мицкоски по средбата со претставниците на Стопанска комора на северозападна Македонија, нагласи дека иднината не е во поделби, туку во обединување.

– Иднината не е во поделби, туку иднината е во обединување, така што ценам дека треба да се развиваме во ова насока, рече тој.

За тоа дали ваквите различни ставови се предизвик за коалицијата и колку е таа стабилна, премиерот со став дека имаат искрена и принципиелна соработка со сите коалициски партнери.

На прашањето да даде оценка за релацијата Вреди-ЗНАМ, Мицкоски рече дека според неговите сознанија и меѓу нив има принципиелна соработка.

-Колку што знам и таму е принципиелен односот, има коректна соработка. Ние не мора да се согласуваме за сите работи. Прашањето е да се согласуваме за мнозинството работи. Сите ние сме посебни индивидуи, посебни политички партии и логично е за одредени теми да имаме различни ставови, но во еден внатрешен дијалог, во еден процес на внатрешна дебата тие недоразбирања треба да се надминуваат доколку има простор за надминување. Во едно семејство дома, не секогаш се согласувате со членовите на тоа семејство, ќе наидете на одредени недоразбирања на моменти, но во еден дијалог, во еден демократски пријателски амбиент, треба да ги надминувате. Досега во овие пет недели така функционираме, истакна Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

Претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ викендов имаа средба со Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово од која најавија дека општините ќе го финансираат ова здружение, а најавија и активности со цел да се оформи академијата како јавна установа, што пак предизвика реакција и несогласување кај нивните коалициските партнери во Владата – ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и опозициските СДСМ и ДУИ.

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори. Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.

- Реклама -