Единствена институција која што ја собира научната мисла и научниците од различни етнички заедници во Македонија е МАНУ и тука завршува и почнува се, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали разговарал со коалицискиот партнер „Вреди“ и со МАНУ околу паралелна академија на науките.
-Ние немаме разлики во коалицијата. Имаме една убава атмосфера овие 40-ина дена колегијална, атмосфера на разбирање. Се’ останато е фолклор и можеби некаков политички маневар. Јас мислам дека треба да продолжиме да функционираме со институции каде што се генерира знаење, каде што науката е пред се. Не постојат етнички научни институции. Нема таков еден пример во светот. И во ред сега, ако се обидуваме да наметнеме тема во јавноста па сега ние континуирано да одговараме на една иста тема тоа е одговорот што го слушнавте од нас уште пред три дена. Немаме друг одговор, одговори Мицкоски кој денеска присуствувше на церемонија по повод потпишување на договор за франшиза на „Тиквеш инвест“ со хотелот „Холидеј ин“, односно групацијата „IGH Hoteles & Resort“.
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вчера рече дека постои перцепција, иако не може да тврди, дека во МАНУ нема пристап за други етнички заедници и оти иницијативата за формирање албанска академија било предизборно ветување пред граѓаните.
Мицкоски, пак, во однос на вчерашната изјава на Муртезани, дека без усвојување на уставните измени нема да може да се одблокира пристапот на државава во ЕУ, и дали како Влада имаат заеднички став по ова прашање, рече дека нивниот став за уставните измени досега повеќепати го повториле.
-Ви кажав, не беше неговата изјава така. Нашиот став за уставните измени сме го кажале барем едно стотина пати досега и тој е непроменет, рече Мицкоски.