Металург незапирлив и против Горење

Македонскиот шампион, екипата на Металург на извонреден начин демонстрирајќи надмоќ, желба и квалитет го забележа и вториот триумф во 2. коло од Групата Ц во лигата на шампионите.

По францускиот Шамбери на гостински терен, овој пат во одличен амбиент во спортскиот центар „Борис Трајковски“ пред околу 5.000 гледачи со 30:23 (13:6) беше совладан и тимот на Горење од Велење.

Уште од самиот почеток македонскиот состав јасно стави до знаење кој е кој во оваа пресметка, од првите минути стекнувајќи се со предност, која во 17. минута стигна и до пет гола предност, а доминирајќи во играта во одбраната на чело со голманот Дарко Станиќ и преку брзите контра напади во 23. минута стигнувајќи и до 10:3.

Во ритамот гол за гол играјќи во продолжение во 28. минута ракометарите на Металург стигнаа и до 13:5, за на пауза сепак да се замине со седум гола предност, 13:6.

На почетокот од второто полувреме гостите тргнаа нешто поагресивно, притоа по само пет минути намалувајќи на 14:9. Но тоа беше сѐ од гостите, затоа што потоа повторно завладеа машинеријата на Металург, кој во 37. минута повторно имаше предност од осум гола (18:10), а во 39. минута и за првпат предност од девет гола (20:11).

Иако тимот на Горење стигна до негатива од шест гола во 52. минута, а со серија од 1:5 во 54. минута и до 25:20, сепак немаше сили за целосен пресврт против одличниот тим на Лино Червар кој на крајот стигна до триумфот од 30:23.

Најефикасни во нашиот тим беа крилните играчи, Дејан Манасков и Гоце Георгиевски со по седум постигнати гола, додека Наумче Мојсовски заврши со пет погодоци. Три запиша Ракчевиќ, додека со по два гола на крајот завршија Златко Мојсоски, Ренато Вугринец и Филип Миркуловски.

Кај гостите Безјак постигна осум гола, додека Доленец реализираше седум пати во мрежата на македонскиот тим.

По одличниот старт со две победи, Металург има четири бода, колку што има и тимот на Киелце, додека третопласиран во групата е Горење со два бода. Следниот викенд Металург, на 14. октомври, ќе му гостува на Силкеборг во Данска.

- Реклама -