Шпанскиот интернационалец Микел Мерино го напушти Реал Сосиедад и мина во редовите на лондонски Арсенал, објавија двата клуба без да ја прецизираат вредноста на трансферот.
Мерино, чија вредност специјализираната веб-страница Transfermarkt ја проценува на 50 милиони евра, има искуство со играње во Англија. Тој беше во Њукасл Јунајтед од 2017 до 2018 година.
Мерино, 28-годишниот играч од средниот ред, играше за Реал Сосиедад од 2018 година. На 242 настапи забележа 30 асистенции и 27 голови.
„Тој беше клучен играч за нас во последно време“, објави баскискиот клуб.
Мерино минатиот месец се докажа на Европското првенство кое го освои со Шпанија. Во четвртфиналето против домаќинот Германија го постигна победничкиот гол за 2:1 во 119. минута.
Арсенал изјави дека го краси способноста да ја „одзема топката во дуелите“.
„Микел ќе го направи нашиот тим значително посилен“, изјави тренерот на Арсенал, Микел Артета, кој е роден во баскискиот град Сан Себастијан.
Реал Сосиедад, клуб од Сан Себастијан, минатата сезона беше шести во шпанското првенство. Сезонава во првите две кола загуби од Рајо Ваљекано а победи против Еспањол.
Арсенал лани беше втор во англиското првенство со два бода помалку од Манчестер Сити. Во првите две кола од оваа сезона ги победи Волвс и Астон Вила.