Вашингтон, 5 август 2021 (МИА) – Владата на Мексико денеска поднесе тужба во федерален американски суд против производителите и трговците на оружје во САД поради драстично зголемениот број убиства во земјата. Мексиканската Влада бара оштета од 10 милијарди долари.
Во тужбата, Мексико се повикува на несовесните и комерцијални практики на производителите и дистрибутерите на оружје кои се причина за зголемениот број повеќекратни убиства и крвопролевањето во земјата.
Тужбата е поднесена во сојузениот суд во Бостон. Тужени се едни од најголемите компании за пиштоли и полуавтоматско оржје како Смит и Весон („Smith & Wesson Brands, Inc.), Барет фајарармс (Barrett Firearms Manufacturing, Inc), Берета (Beretta U.S.A. Corp.). Колт (Colt’s Manufacturing Company LLC) и Глок (Glock Inc). На суд е даден и бостонски дистрибутер и продавач на оружје Интерстејт армс (Interstate Arms).
Компаниите засега не ја коментираа тужбата од Мексико.
Во тужбата се наведува дека компаниите биле свесни дека дејностите што ги извршуваат придонесуваат во криумчарењето оружје во Мексико. Владата на Мексико бара оштета поради претрпениот неред и штета што американското оружје ги прави во земјата.
Мексиканската Влада „го презеде овој чекор за да стави крај на огромната штета предизвикана од тужените со нивната активна поддршка на незаконската трговија со оружје на картелите со дрога и другите злосторници во Мексико“.
Според мексиканската Влада, 70 отсто од целиот нелегален арсенал на оружје во Мексико доаѓа од САД. Само во 2019 година, најмалку 17.000 убиства биле поврзани со криумчарено оружје од северниот сосед.
Националната фондација за спортско стрелање на САД, која ги застапува интересите на производителите на оружје, соопшти дека ги отфрла обвинувањата на Мексико за неодговорно работење.
– Обвинувањата се неосновани. Мексиканската Влада е таа која е одговорна за распространетиот криминал и корупцијата во границите на земјата, изјави Лоуренс Кејн, заменик претседател на Фондацијата.
Тој додаде дека мексиканската Влада е таа која ги спроведува законите.
Фондацијата ги оспори и бројките на парчињата оружје наведени во тужбата, посочувајќи оти пресметан е само дел од најдените парчиња и само оние кои имаат сериски број, што најеворјатно потекнуваат од САД.
Адвокат на Министерството за надворешни работи на изјави дека штетата предизвикана од криумчареното оружје од САД е еднаква на два отсто од БДП на Мексико. Затоа државата бара оштета од 10 милијарди долари. БДП на Мексико лани беше околу 1.2 трилиони долари.
– Нема притисок врз САД. Ова го правиме да се прекинат убиствата во Мексико, изјави тој.