Лестер „Бо“ Меккејлеб остана на тронот на италијанскиот кошаркарски шампионат, откако ја одбрани титулата на Апенинскиот Полуостров со својот тим Монтепаски Сиена.
Македонскиот репрезентативец со своите соиграчи ја круниса добрата игра во финалната серија со Емпорио Армани, триумфирајќи со 84:73 и славејќи во ова финале со 4:1 во победи. Со порано завршеното финале, Меккејлеб се погрижи да има неколку дена повеќе за одмор пред да се приклучи на подготовките на македонскиот национален тим за предолимпискиот турнир во Венецуела.
Токму Меккејлеб беше најзаслужен за оваа четврта победа на Сиена, предводејќи го својот тим до најнов триумф. Откако промаши четири шута во првите 19 минути од мечот, извонредниот плејмејкер блесна во вистинско светло во преостанатиот дел од мечот.
Тој постигна уште 13 поени, и тоа без ниту едно промашување (5/5 за два, 3/3 за еден поен). Со тоа, Меккејлеб овозможи Сиена на крајот од третата четвртина да стигне до предност од 63:44, со што практично и беше осигуран триумфот и новиот шампионски трофеј на тимот што доминира во кошаркарска Италија во последните неколку години.
Објавено во соработка со Екипа.