Мехмедовиќ: Носењето маски во училиште останува, КЗБ нема добиено барање од родители за укинување на мерката

Препораката за носење заштитна маска во училиште останува. Комисијата за заразни болести досега не добила барање од родители децата на училиште да не носат маски, соопшти денеска д-р Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за заразни болести.

„До Комисијата за заразни болести не е доставено барање за неносење маски во училиште. Не е разговарано за ставот носење или неносење маски во училиштата. Меѓутоа, ставот на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на болести е дека во затворени простории, меѓу кои и училиштата, треба да се носат маски од шестгодишна возраст па нагоре. Така што, согласно препораките на СЗО и врз основа на протоколите за посетување на настава со физичко присуство, секое дете треба да носи маска“, изјави д-р Мехмедовиќ.

Тој, меѓу другото, соопшти дека методологијата за скрининг на училиштата ќе биде изменета и ќе има поинаква динамика.

„Ќе има помал број на тестови кои ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата од шест до 18 години. Во насока на тоа, таа методологија ќе биде многу брзо утврдена и наскоро ќе ги имаме резултатите“, рече Мехмедовиќ.

- Реклама -