Медицинскиот персонал од Онкологија го демантира Мицкоски

Медицинските сестри од ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје денеска ги демантираа тврдењата за работењето на клиниката, изнесени на 2 ноември на прес-конференција од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тие ги демантираа тврдењата на Мицкоски дека во амбулантскиот дневник медицинскиот персонал го запишувал остатокот од неискористените лекови, како да е даден на друг пациент, без писмени докази дали лекот навистина е даден или е фрлен.

„Од административен аспект, односно водење евиденција, на сите одделенија и дневните болници, има и уредно, редовно и секојдневно евидентирање на сите работи во амбулантско – хоспитален дневник, архива на требовања, компјутерска проверка во секој момент е достапна и се однесува на салдо во моментот, опијатни тетратки, тетратка на потрошени цитостатици – картици“, пишува во денешната реакција.

Погоренаведените евиденции што се водат, како што се додава, се достапни за проверка на наделжни органи. „Со ова, во целост ја демантираме таа изјава“, се додава во реакцијата.

Во демантот наведуваат дека сите лекови кои се требуваат од аптека и има остаток од истите, се употребуваат за следни пациенти. Остатокот, како што додаваат, не се фрла, со цел заштеда на истите и тој е уредно евидентиран во амбулантски дневник во Одделот за цитостатска терапија – Дневна болница.

Се негира и тврдењето на Мицкоски, како што се истакнува во соопштението, во врска со „давањето лекови во торбичка“, како и дека им се давале лекови на пациенти надвор од клиниката.

„Терпијата за пациентите е сериозна работа и се даваат лекови на пациенти надвор од клиниката, односно станува збор за редовна терапија во вид на таблети и ампули, со цел да се аплицираат во матичен медицински центар или со домашна посета, со уредно напишан извештај од лекар. Напоменуваме и појаснуваме дека станува збор за симптоматска терапија, која не е терапија на условен буџет од ФЗОРСМ, туку редовна терапија која се аплицира преку домашна посета или матичен лекар. Со истото финансиски се заштедува на трошокот на пациентот и секојдневно доаѓање на клиниката“, се нагласува во демантот.

Апелираат да престанат препукувањата на политичките партии преку Клиниката и да се остави таа да функционира нормално и без какви било притисоци, со цел да се заштити здравјето на пациентите, кои секој ден доаѓаат таму и се лекуваат, како и вработените во истата.

МИА

- Реклама -