Мицкоски изнесе нови тврдења за Онкологија: „Станува збор за организирана мафија која, за жал, сè уште оперира“

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека има нови сознанија за Клиниката за онкологија за периодот од 2021 до 2023 година.

Како што посочи се работи за огромна документација која ја добиле преку свиркачи.

– Денеска ќе зборувам за три заклучоци коишто произлегоа од таа документација која ја добивме од свиркачи, но во периодот кој следи ќе има уште, рече Мицкоски.

Презентираше извештај од Фондот за здравствено осигурување кој извршил вонредна финансиска контрола на јавните набавки на Министерството за здравство за периодот од 1 август 2021 година до 1 август 2023 година и на Клиниката за онкологија за периодот од декември 2022 до март 2023 година.

Извештајот, како што истакна, покажува дека имало периоди во кои лековите за пациентите доцнеле, а за тоа никој од надлежните не испратил допис и не биле раскинати договорите со добавувачите, немало контрола при аплицирањето на лековите што им се даваат на пациентите кои лежат на Клиниката и се давале лекови на пациенти кои требало да ги примат на друга клиника, а за тоа нема никаква потврда дали тие лекови ги примил пациентот.

– Овој документ што го имам е извештај од специјалист, односно субспецијалист, каде што во наодот вели дека на барање на пациентот терапијата ќе се аплицира во друга медицинска установа на онколошко одделение. Со други зборови, доаѓа пациентот кој што треба да добие терапија, на клиниката во торбичка му ја даваат терапијата и потоа пациентот оди да ја аплицира таа терапија. Вистинското прашање е дали имаме повратен одгвоор каде е аплицирана таа терапија и дали навистина таа терапија е аплицирана? Но, исто така останува непозната дилемата дали самата клиника имала интерна процедура или протокол за издавање на лекови согласно членот 8 од законот за евиденции од областа на здравството имајќи предвид дека секои од овие лекови за да се пренесе од точка А до точка Б треба да има и соодветен термички третман. Во еден од договорите стои дека лекот не смее да биде во средина каде температурата ќе биде помала од 2 степени целзусови, поголема од 8 степени целзусови, рече Мицкоски.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Посочи дека според Фондот за здравствено осигурување на 31 март лековите „абиратерон“, „алектиниб“ и „вемурафениб“ се регистрирани како залиха и биле подготвени да бидат аплицирани до пациентите.

– Дали оваа залиха навистина постои физички или само на хартија, за тоа малку подоцна. Ова е договор на еден од добавувачите, кој што е омилен, од страна на владата на СДС и ДУИ и којшто нормално има привилегија најчесто да ги добива јавните набавки. Тоа што овие на залиха имале милијарда ипол денари на 31-ви март, не ги спречило на 27-ми февруари, да распишат јавна набавка, со која што повторно ќе побараат, од истите овие лекови, рамковен договор со овој омилен добавувач, а тој пак, на 8ми мај ќе го склучи овој договор, во вредност од точно 513.656.549,66 денари, со вклучен ДДВ, рече Мицкоски.

Сите документи, како што најави, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а од Анкетната комисија во Собранието бараат да го прошири опфатот и со овој период од извештајот.

– Станува збор за организирана мафија која, за жал, се уште оперира, мафија која на грбот на граѓаните заработува. Она што овде е запрепастувачки не е само криминалот, туку бездушноста да се заработува на грбот на другиот. Мора да има одговорност. Бараме Анкетната комисија во Собранието да се пришири и да биде опфатен и овој период од извештајот.. Сите наши сознанија Ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, рече Мицкоски.

МИА

- Реклама -