Меџити најави иницијатива на ДУИ претседател на државата да се бира во Собрание, а не од граѓаните на избори

Можно е во иднина ДУИ да покрене иницијатива претседателот на државата да го избираат не граѓаните, туку пратениците во Собранието, најави Изет Меџити – ексградоначалник на Чаир и носител на кандидатската листа на ДУИ во Изборна единица 1, во дебата на „Телма“.

Како што рече тој, граѓаните сѐ уште гласаат според етничката припадност и поради тоа само преку Собранието, а не по пат на непосредни избори, е можно претседател да стане Албанец, исто како што со поддршка од 61 пратеник беше избран Џафери за претседател на парламентот.

Поради тоа, рече Меџити, реална е и можноста по овие избори да биде избран премиер Албанец, по пат на политички договор.

Прочитајте и:  Меџити: И јас тврдам дека немаме закон за албанскиот јазик, ДУИ се хистерични

Според него, „здраво е за државата“ една од трите клучни позиции да ја води Албанец.

Пред последните претседателски избори, лидерот на СДСМ и  тогашен премиер – Зоран Заев, изјави дека е приврзаник на идејата и дека не исклучува на следните претседателски избори претседател да се бира во Собранието. Лидерот на ДУИ, пак, рече дека интегративците не само што го поддржуваат тоа, туку и го предложиле уште пред 10 години.

 

- Реклама -