Заедно со останатите затвореници, во строгиот затвор во Костанај, Казахстан, затворска казна одлежува и една мечка. Екатерина, или нагалено Катја, е осудена на доживотна робија, од која во моментов ја отслужува својата 15-та година. Осудена е за два случаи во кои нападнала луѓе и им предизвикала физички повреди. Во затворот со висок режим на безбедност служат уште 730 криминалци, чија казна не надминува 25 години.
Со тоа, Катја е единствениот осуденик на доживотна казна во затворот и единствениот кој нема право на посета (од друга мечка, нели). Камо да можевме вештачки да ја оплодиме, вели управникот на затворот. Сепак, ако е за утеха, таа е единствениот затвореник кој има базен во „ќелијата“.
Чуварите велат дека за овие 15 години робија, Катја веќе не претставува закана. Велат дека е пријателски настроена и воопшто не е агресивна. Другите затвореници ја посетуваат, а по зимскиот сон таа се чувствува добро, скока и трча.
Затворот Костанај се наоѓа на околу 700 километри северозападно од казахстанскиот главен град Нур-султан (до скоро Астана), близу границата со Русија. Катја со тек на време стана симбол на затворот, а во нејзина чест има подигнато дури и статуа.
Двата инцидента поради кои е осудена Катја се случиле во 2004 година во кампот Belaya Yurta, каде била затворена откако ја напуштил циркуски дресер додека сè уште била мала. Во едниот случај нападнала 11-годишно момче кое престојувало кампот. Момчето ѝ фрлало храна, а таа со шепите, меѓу решетките, го зграбила за ногата. Детето претрпело сериозни повреди и „трауматичен шок“. Наскоро потоа Катја нападнала и растргнала 28-годишен човек, за кој се претпоставува дека бил пијан, кој ги игнорирал поставените предупредувачки знаци и се обидел да се ракува со мечката. Во страв од нови напади, а со оглед дека ниту една зоолошка не сакала да ја земе на тие години (тогаш имала 7), Катја била пратена во затворот Костанај, каде за неа се грижат затвореници под наздор.
„Обожава сè што затворениците ѝ даваат од слатко – чоколади, бисквити, јаболки… А дружбата со неа ми го разубавува времето овде, ја намалува болката“, вели еден од затворениците.