Главниот град на Казахстан си го смени името

Казахстанскиот парламент денес изгласа промена на името на главниот град на Казахстан – Астана. Идејата за промена на името била соопштена пред неколку часа од страна на новиот претседател Касим-Жомарт Токајев – досегашниот претседател на парламентот.

Новото име на казахстанската престолнина ќе биде Нурсултан, во чест на довчерашниот претседател на државата. По речиси 30 години на власт, Нурсултан Назарбајев вчера одненадеж даде оставка на позицијата шеф на државата, на која се наоѓаше уште од пред распадот на Советскиот Сојуз. Тој и понатаму останува да претседава со Советот за национална безбедност, а ќе остане и шеф на владејачката партија, со што ќе го задржи големото политичко влијание (евидентно и по тоа што, нели, главниот град ќе го носи неговото име).

- Реклама -