МД „Илинден“-Тирана: Откриениот скандал со лажните потврди за бугарско потекло во Голо Брдо, доказ повеќе за „проблематичниот попис“

Македонско друштво „Илинден“-Тирана ја поздравува ангажираноста на новинарите на емисијата Фикс фаре, на телевизија Топ чанел, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, областа Голо Брдо, стои во соопштението на друштвото.

-Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда за она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Република Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности. Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која ги приведе трите лица вмешани во овој скандал, се наведува понатаму.

Се потсетува дека пред и за времето на пописот, како друштво, постојано предупредувале за притисокот од страна на поединци и бугарските институции за да не се добијат точни податоци за етничката припадност на населението во овие предели.

-Таквите напори јасно и недвосмислено беа поддржани и од локални личности. Јавна тајна е дека, не само во најсиромашни области во државата, областите Голо Брдо, Мала Преспа и Гора, има најголема концентрацијата на Македонците, туку и по градовите, како Тирана, Драч, Елбасан, Либражд, Кукс, Корча и други се вршеше невиден притисок од поединци од Бугарија, но и високи политички личности од Бугарија, преку уцени, поткуп и слично се бараше Македонците да се попишат како Бугари, потсетува друштвото во соопштението.

Додава дека Македонците поради сиромаштијата  неможноста да обезбедат основна егзистенција во местото на живеење се принудени да аплицираат за бугарски пасоши за да може да заминат во некоја од западноевропските земји за да ја обезбедат основната егзистенција.

– Со оглед на последните случувања во врска со лажните потврди, јасно е дека бројот на т.н. Бугари во Република Албанија ќе биде само лажна бројка потребна да се задоволат апетитите на Бугарија, која како членка на Европската Унија ја уценува Република Албанија со вето на нејзиниот пат кон европското семејство, се констатира на крајот на соопштението потпишано од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и Фатри Фетаху, претседател на огранокот за Голо Брдо.

По објавата на скандалот албанската полиција апси три лица вмешани во истот а на вчерашната попладневна итна седница на Советот на општина Булќиза, каде територијално припаѓа административната единица Острени, расрешени се адмнистраторот на единицата, Љуан Мјештри и секретарот на Советот, Фитим Бала.

- Реклама -