Мбапе: И во Катар имавме феноменален тим, па бевме поразени од Аргентина во финалето

Поразот од Аргентина во финалето на Светското првенство во Катар 2022 година се уште е во мислите на фудбалерите на Франција, кои ќе се обидат да извлечат дополнителна мотивација од тој натпревар пред почетокот на Европското првенство во Германија.

„Триколорите“ без сомнение го имаат еден од најдобрите тимови во Европа, во кој прва ѕвезда е Килијан Мбапе, а токму новиот фудбалер на Реал Мадрид повикува на внимателност.

-Мислам дека нема потреба да се апострофира пред секое големо натпреварување дека Франција има силен тим и дека оди на највисок пласман. Тоа се подразбира и затоа дојдовме во Германија. Сепак, имавме и феноменален тим во Катар, па бевме поразени од Аргентина во финалето и останавме без титулата светски првак. Секој ден се сеќаваме на тој натпревар и верувам дека научивме нешто од него, изјави Мбапе.

Прочитајте и:  Неверојатен интерес за првото „Ел класико“ на Мбапе: 1.1 милиони фанови онлајн чекаат билет за „вечното дерби“

Францускиот претставник не сакаше да посочи кој тим со својот состав би можел да биде фаворит за освојување на титулата, но дипломатски одговори дека очекува висококвалитетен турнир.

– ЕП само по себе е многу квалитетно натпреварување и сите селекции доаѓаат максимално мотивирани, што значи дека можеме да очекуваме напорна работа. Затоа велам дека не смее да има никакво опуштање, бидејќи ривалите само ќе ве чекаат да покажете слабост и да ве казнат. Сите екипи се познаваат многу добро, играчите играат во исти клубови или лиги, а тоа ќе ја отежне задачата уште повеќе, изјави Мбапе.

Репрезентацијата на Франција ќе игра во Германија во групата Д, каде за ривали ќе и бидат селекциите на Холандија, Полска и Австрија.

- Реклама -