Мазда планира хибрид со ротационен мотор

Мазда планира уште следната година да пушти во производство нов модел со ротор мотор кој ќе биде дел од хибриден систем и ќе се користи за полнење на акумулаторите. Тоа го изјави шефот на јапонската фирма Такаши Јаманучи за време на салонот во Москва.

Во моментов Јапонците не произведуваат автомобили со таков мотор. Последниот модел со слична конструкција беше спортското купе Mazda RX-8, што беше повлечен од производство годинава. Причината за таквата одлука беше дека моторот не одговараше на Euro5 стандардите.

Јаманучи соопшти дека во почетокот новиот модел ќе се појави само на пазарот во Јапонија. Сепак, тој одби да соопшти дали моторот ќе биде целосно нов или е преработка на некој од постојните.

Шефот на Мазда сепак е категоричен дека употребата на ротационен мотор во хибриден автомобил најдобро ќе го открие потенцијалот на таквиот мотор. Јаманучи додаде дека додека е на чело на компанијата, таа ќе развива ротор агрегати.

Тој е уверен дека инженерите на Мазда ќе се справат со најголемите пробеми на овие мотори – високата потрошувачка, слабиот вртежен момент и неусогласеноста со современите еколошки стандарди.

Објавено во соработка со Авто Плус.

- Реклама -