Масовни протести низ Италија, генерален штрајк и судири со полицијата во Рим и Торино

Синдикатот Унионе синдакале ди базе организираше демонстрации во повеќе од 40 града, меѓу кои Рим, Милано, Торино, Неапол, Венеција и Палермо. Според синдикалните процени, на протестите учествувале околу 1,5 милион луѓе на повеќе од 60 локации низ земјата.

0
Масовни протести низ Италија, генерален штрајк и судири со полицијата во Рим и Торино
Фото: МКД.мк

Иако најголем дел од демонстрациите поминаа мирно, во Рим и Торино избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Во Рим, голема поворка помина покрај Колосеумот, каде што дел од учесниците поставија шатори, најавувајќи дека ќе останат до недела. Неколку стотици демонстранти се одвоија од главниот марш, превртуваа контејнери, палеа електрични тротинети и фрлаа предмети кон полицијата.

Реклама

Подоцна, група демонстранти се обидоа да се пробијат кон парламентот, но полицијата интервенираше со водени топови. Според италијанската агенција АНСА, осум лица биле приведени.

Во Торино, полицијата употреби водени топови против студенти и левичарски активисти што се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон околу зградата на префектурата. Во судирите имаше и повредени.

Тензии имаше и во Виченца, каде што бе повредени четворица полицајци, како и во Местре.

Во Милано, демонстрантите излегоа на градската обиколница, а маршот го завршија пред зградата на Политехничкиот универзитет.

Реклама

Во Џенова, околу 15.000 пристанишни работници, студенти и други демонстранти влегоа во пристаништето, протестирајќи против користењето на пристаништата за транспорт на оружје. Слични акции се организираат и во други земји, со барање да се запре превозот на оружје и да се заштитат морнарите што страдаат во оружените конфликти.

Организаторите на протестите бараат зголемување на платите и пензиите, намалување на цените на основните производи и енергијата и поголеми државни вложувања во здравството, образованието и социјалните услуги, наместо во вооружување.

Протестите во Италија се дел од поширокиот бран демонстрации што ги зафати и Франција, Шпанија, Белгија и Албанија, поттикнати од незадоволството поради поскапувањата и економските политики.

Во Рим, дел од демонстрантите најавија дека ќе останат со шаторите до недела, поради што протестните активности би можеле да продолжат и во текот на викендот.