Викендов по петти пат ќе се одржи аутдор фестивалот MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE. Организаторот и за оваа година најавува луда забава на отворено, со кампинг и забавни содржини, и адреналиски спортски активности.
Според програмата фестивалот започнува во петок со собирање на посетителите во кампинг зоната и делење на стартни пакети. За саботата се очекува да пристигнат најголемиот број од камперите да ги подигнат стартните пакети и да присуствуваат на забавата на отворено што ќе започне во 15 часот каде што ќе може да се ужива во музиката на двајца диџеи и бендот Хот лајн од Штип. На овој ден ќе се одржат и вежбите во склоп на BUBALO BOOT CAMP и болдерингот.
Највозбудливиот дел доаѓа во недела кога започнуваат сите спортски активности. Стартот на планинското трчање, планинарењето и болдерингот е закажан за 9 часот, а велосипедските тури започнуваат во 10 часот. За оваа година организаторот има подготвено и нова МТБ тура што ги посетува селата Чаниште, Рапеш, Зовиќ и Манастир. И оваа патека поминува на Зовиќкиот мост каде што се спојува со МТБ1 и заедно продолжуваат кон селото Манастир. МТБ 2 (или наречена „лесната тура“) се препорачува за помалку подготвени велосипедисти, а истовремено има едукативна и туристичка содржина. Додека другите две тури се препорачуваат за подобро подготвени велосипедисти.
Планинарењето ќе се одвива во склоп на BUBALO BOOT CAMP и ќе се изведува на релација помеѓу селата Манастир – Зовиќ –Манастир. Тоа е 23 километри долга, блага и лесна планинарска тура во вкупнот времетраење од 7 часа.
За оваа година новитет е и тоа што сите пријавени учесници до петок (27 мај) ќе бидат осигурани за време на спортските активности. Исто така се обезбедени и дваесетина водичи во планина, прва помош и сервисери.
И оваа година фестивалот е во организација на здружението ВЕЛОЕВРОПА, со огромна поддршка и коорганизација од Општина Прилеп.
Минатогодишната бројка од 800 посетители гарантира дека и оваа година овој прекрасен крај ќе го посетат многу спортисти и уживатели во природата. Мариово вреди да се посети макар и во еден викенд во годината за да се увериме дека тоа е еден од најубавите, а најзаборавените краишта во Македонија, за коишто сме слушале само во песните и приказните, асега имаме можност и да го почувствуваме.
Картите можат да се купат во продажната мрежа на kupikartizase.com, и велосипедските продавници Бајк маркет (Фонтана во парк) и Пробајк (Стара рампа). А сите информации можете да ги добиете на 078/400-047.