Маријана (12) расте без Интернет, ама е најпаметна во класот: Немам „Фејс“ и „Инста“, ама има деца што немаат ни книги ни семејство

Ако прашате некој од страна, што не ја познава, Маријана може да ја опише како дете кое расте без она што сите други деца го имаат и им е потребно да го имаат. Нема лаптоп, нема мобилен, и „најужасното“ – нема Интернет. Но, ако ја прашате Маријана, иако нема да го негира тоа, нејзиниот одговор ќе биде многу поинаков. Ќе каже дека има среќно детство и дека има нешто што многу, ако не и само ретки, на нејзини години го имаат: Соништа, цел кон која треба да се труди, вредно да работи и нешто што треба да оствари.

Има 12 години и кога ќе порасне сака да заврши факултет и да стане учителка. Тоа што нема Google, Facebook и Instagram не го смета како пречка и нема да дозволи, вели, да ја запре.

Од сите 15 деца во класот, за Маријана се зборува со посебен тон исполнет со восхит и исклучиво со пофалби. Додека нејзините врсници се бават со стандардните тинејџерски проблеми на денешните деца, таа е поинаква:

„Никогаш нема речено ‘Го сакам и јас тоа’ или ‘Види оваа како се облекла’ или ‘некој бил некаде’… Таа нема такви идоли. Нејзините идоли се нешто сосема друго. И затоа ни е толку посебна, навистина е“, вели Марија Халачек, нејзината учителка по хрватски јазик.

„Јас сум Маријана. Не ме познавате? Вистина. Ме нема ни на Инстаграм, ни на Фејс, не четувам на Снеп (Snapchat). Ако сакате да ме запознаете, можете да дојдете кај мене, во мојата улица или во училиште, или да ми мафнете додека чекам на автобуска станица. Лесно ќе ме препознаете, јас сум онаа што не држи мобилен во рацете“, вели Маријана во специјалниот прилог што за неа го направи емисијата „Провјерено“ на хрватската „Нова ТВ“.

Нема Интернет, па затоа Маријана мора постојано да се снаоѓа. Кога во школо ќе им дадат задача на Интернет да ги најдат и да ги донесат своите омилени фотографии од светското фудбалско првенство, на пример, Маријана едноставно нешто ќе нацрта. Учителката вели дека не мисли дека ѝ е лесно, бидејќи за било што да види на интернет или на друштвените мрежи, Маријана мора од некого да побара да ѝ покаже. „Но, тоа не ѝ е проблем“, додава учителката.

„Читам многу книги, а во нив има некои решенија. Читам научни книги, списанија – и во нив пишува, потоа од учебници, ако можам да најдам, а ако нема ни во нив, тогаш ги прашувам мама, тато, сестра ми, или нешто се обидувам сама, онака, логички. И така се снаоѓам“, вели Маријана со широка насмевка.

Како што правевме и ние, кога постоеја само учители и книги, вели „Нова ТВ“ во прилогот, додавајќи дека Интернетот не е ниту почеток ниту крајот на светот, а ни почетокот ни крајот на знаењето – зборови што се цитирани токму од 12-годишната ѕвезда во класот.

Маријана живее на село, во семејство со уште тројца ученици во основно училиште. И сите четворица, кога ќе се вратат од училиште, им помагаат на нивната мајка Валентина во домашните обврски. Таа не негира дека постојат нешта што нејзините деца ги немаат, но потенцира дека љубов сигурно не им недостасува:

„Во семејство кое живее од земјоделие, а мама и тато мора да се грижат за четири основци, не е секогаш лесно. И некои работи едноставно не може да се имаат. Како мобилен или интернет“, вели Валентина.

Таа е домаќинка, но редовно ги препрашува децата за училишните случувања за време на заедничкиот семеен ручек. Според неа, училиштето мора да е секогаш на прво место. Жената, патем, си има цели тетратки со поезија што сама ја пишувала. Ете од каде љубовта и кај Маријана.

Оттаму, сосема логично е што учителката по хрватски јазик ја избрала токму неа за да учествува на државен натпревар по книжевност. Неколкупати ѝ ги враќала составите, охрабрувајќи ја Маријана да напише состав на тема на која ќе пишува искрено и длабоко од срцето. И ете, Маријана освоила второ место:

„Семејството ми е важно. Се потсетувам дека постојат деца кои немаат семејство. Каква би била нивната приказна? Јас се жалам што немам Интернет, а некои немаат ни семејство. Кога на тоа ќе се сетам, сфаќам дека моето детство е добро“, напишала таа. Целиот прилог, барем за да ја почувствувате харизмата на Маријана, погледнете го ТУКА.

- Реклама -