Маричиќ: Во сите цивилизирани парламенти работат онлајн, го поздравувам херојскиот чин на Бисера

„Во сите цивилизирани парламенти во Европа и нашиот регион веќе се работи на онлајн седници во различни форми. Дури и Европскиот парламент со преку 800 пратеници е целосно дигитализиран со онлајн заседанија на комитетите, на пленумот и со онлајн гласање. Тоа го направија сите затоа што е насушна потреба и човечки пристап во услови на долготрајна пандемија која ги засега сите.

Само кај нас, собранискиот Деловник не може да се смени за овозможување на онлајн присуство на заразени пратеници заради деструктивната политичка стратегија на цела опозиција. Спречуваат промена на Деловникот и се радуваат на секој нов заразен пратеник од парламентарното мнозинство зашто тогаш настапуваат со нивната точка ‘играчки со кворумот’. Практично оние заради кои тешко функционира Собранието, го обвинуваат мнозинството за нефункционалност“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ преку Фејсбук, по денешните драми во Собранието, откако пратениците кои се позитивни на Ковид-19 – Бисера Костадиновска Стојчевска и Мирослав Богдановски, во скафандери присуствуваа и гласаа на седниците.

Маричиќ го поздрави ваквиот потег на пратениците од владејачкото мнозинство.

„Но, некои пратеници не заборавиле зошто се избрани. Бисера и многу други и во вакви тешки услови не забораваат дека се таму за да им служат на граѓаните и да носат одлуки во нивна полза и во тешко време. Пратениците на опозицијата пак мислат дека се таму за да блокираат, бојкотираат, трошат ресурси бесцелно само за лични и партиски цели (зашто само со блокади и бојкоти се чувствуваат важни немајќи да понудат никаква идеја и политика за граѓаните).

Затоа го поздравувам овој херојски чин на Бисера кој е спроведен согласно сите протоколи пропишани од надлежната Комисија за заразни болести и во највисок јавен интерес“, порача Маричиќ.

- Реклама -