„Ние португалскиот предлог го разгледувавме врз основа на тоа што ни беше доставено како документ, а не врз основа на вчерашните изјави. Она што го видовме во документот и она што го има во предлогот на преговарачката рамка, во ниту еден момент не го одразува ова што го кажавте вие“, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ, прашан за изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш.
Маричиќ потенцираше дека во преговарачката рамка македонскиот јазик е наведен без никакви додавки, како и дека во португалскиот предлог не се доведува во прашање посебноста на македонскиот јазик.
Министерот за правда воедно повтори и дека идентитетските обележја не се и нема да бидат предмет на преговори.
„Ние сме кажале и можам да повторам уште еднаш дека посебноста на македонскиот јазик и нашиот македонски идентитет ниту биле, ниту ќе бидат, ниту пак можат да бидат предмет на какви било преговори“, рече тој.