Маричиќ: До 2030-та можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки

Граѓаните ќе почувствуваат како е да се биде дел од Европската Унија многу порано од предвиденото. До 2030 година можно е да се реформираат некои правила во ЕУ за да се примат нови членки и до тогаш можно е да се реформираат нашите држави за да бидат подготвени за членство, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска на конференција организирана од Калеви Сорса Фондацијата на тема „Гледање напред кон Земјите на Западен Балкан во ЕУ, искористување на моментумот за проширување“.

Битно е да имаме цел, бидејќи ако го пропуштиме овој момент, понатаму може да сметаме само на пораст на национализмот и на оние политички актери и каузи кои ги испразнија нашите држави од млади луѓе и кои нè убедуваат дека стратегија на чекање е добра стратегија, вели Маричиќ.

Тој посочи дека скринингот завршува следната недела и со тоа, рече, доаѓаме до точка на исполнување на сите предуслови, со исклучок на уставните измени.

„Ова е вистинска можност кога треба да се искористи можноста, бидејќи таа нема да трае многу долго. Текот на скринингот одеше многу интензивно, многу брзо, и тој наредната недела завршува, во поглед на исполнување на клучните патокази, а тоа е владеење на правото, јавната администрација.. ова до крајот на годината ќе го поднесеме како документ, со што ќе дојдеме до една точка на исполнување на предуслови со исклучок на уставните измени, кои што за нас се политички услов. Инаку, сите други технички услови, па и политички, ги исполнуваме“, рече Маричиќ.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Во дискусијата, вицепремиерот за европски прашања се фокусираше и на Планот за раст. Со овој План, рече, земјите од Западен Балкан можат да добијат „револуционерна“ одлука за проширувањето на Европската Унија.

„Со Планот за раст првпат се отвораат можности за вклучување во програми во кои не сме биле досега вклучени, со што се овозможува и пристап до финансиска помош со која ќе се овозможи реализација на реформите најпотребни за реализација на процесот. 2030 треба да биде индикативна година и со план за вклучување на земјите од Западен Балкан. Ја поздравувам храбрата политика на ЕУ за раст на унијата и стратегијата која ја планираат за проширувањето“, рече тој.

Маричиќ уште еднаш подвлече дека моментот сега како држава не смееме да го пропуштиме.

„Не смееме да го пропуштиме овој момент, немаме време за чекање, мораме да ја искористиме шансата да се вклучиме во европскиот фронт каде што се вклучени сите. Да не се навлегува во тунелот на чекање, кој може да биде изгубено скапоцено време за нас“, порача вицепремиерот.

- Реклама -