Вашингтон, 16 февруари 2022 (МИА) – Катастрофа е ако не можеме да обезбедиме напредок и дозволиме Бугарија да застане на патот на Северна Македонија кон Европа, изјави денеска демократскиот сенатор од Конектикат, Крис Марфи, на сослушување за Западен Балкан во Сенатската комисија за надворешни работи.
Тој побара САД да одиграат активна улога во процесот на преговорите меѓу двете држави, како и да ѝ стават јасно до знаење на Бугарија дека е во нејзин интерес, како балканска држава, да осигура дека има пат кон ЕУ за С. Македонија и Албанија, јави денеска Гласот на Америка.
„За мене е катастрофа ако не можеме да покажеме напредок кон Европа. И зошто би дозволиле една држава да застане на патот?“, рече Марфи и го праша специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан – Габриел Ескобар, што САД би можеле да направат повеќе за да се тргне бугарското вето, и дали разговорите меѓу двете нови влади ќе дадат резултати.
„И Бугарија и Северна Македонија се наши ценети сојузници во НАТО. Отсекогаш била наша надеж дека тие можат да ги решат нивните разлики преку конструктивен дијалог и преговори во добра волја. И двете нови влади ни дадоа гаранции дека тоа се случува, и затоа ние го поддржуваме тоа и се надеваме дека може да дојде до заклучок во разумен период“, одговори Ескобар.
Ескобар претходно нагласи дека „Северна Македонија и Албанија направија значајни реформи и платија висока цена и заслужуваат да напредуваат во процесот на пристапување“.
Тој рече и дека САД се обидуваат да осигураат балканските држави да останат стабилни и заштитени од какво било злонамерно влијание од Русија и Кина.
„Она што Русија се обидува да го постигне е да создаде ранливост во евроатлантскиот простор. Тие најдоа партнери во одредени земји кои се подготвени да помогнат во унапредувањето на тие цели за да нѐ оддалечат од други прашања“, рече меѓудругото Ескобар.
Истакна дека американскиот долгогодишен дипломатски ангажман ја поддржува целосната интеграција на Западен Балкан во евроатлантските структури.
„Посилен Балкан, интегриран во силна Европа, значи посилна трансатлантска заедница“, додаде Ескобар.