Едно време и официјална тактика на американското воздухопловство, ова е маневар познат како „toss bombing“ или „бомбардирање преку рамо“. Се изведува така што пилотот лета кон метата на помала височина, и во дадена точка нагло тргнува вертикално нагоре, ослободувајќи ја бомбата штом авионот малку ќе се отклони од вертикалната рамнина, која пак заради залетот паѓа со парабола назад кон метата. Авионот го довршува вертикалниот полукруг наназад и се оддалечува од локацијата. Колку и да звучи лудо, ваквиот маневар му овозможува да создаде поголема дистанца меѓу него и експлозијата, пред бомбата да експлодира.
Првата јавна демонстрација на овој маневар била изведена со бомбардер (Боинг) B-47 во американската воздухопловна база Еглин, на 7 мај 1957 година. Ричард Бах – сега пензионираниот пилот што го изведе маневарот, објаснува како тоа изгледа од негов аспект во неговата книга Stranger to the Ground (ќе се обидеме да преведеме најпрецизно што е можно, со оглед на тоа дека пишува на стручен жаргон):
„Селото со куќи со црвени покриви ‘прелетува’ под мене, а метата – бели буриња поставени како пирамида, станува видлива. 500 чвора на час. Го штракнувам прекинувачот надоле, го притискам копчето.
Тајмерите стартуваат, компјутерските кола предупредуваат дека зоната на фрлање е близу. Ја намалувам височината на ниво на врвовите на дрвјата. Обично не летам со 500 чвора, и очигледно е дека прогресирам (кон метата) многу брзо. Всушност можам да ја видам белата боја на бурињата.
Пирамидата се појавува под мене. Ги центрирам иглите (стрелките) на индикаторот кој единствено се користи кога се фрла нуклеарно оружје. Го повлекувам џојстикот мазно и постепено, но цврсто, за да прочитам G-сила од 4 на акцелерометарот, и да го задржам така.
Се обложувам дека тие мали компјутерски срца чукаат силно, а сé што јас можам да видам е небото во шофершајбната. Држи ги G-ите, центирај ги иглите; ете го сонцето, само што стигнува под мене и ‘БАМ’.
Бомберот врти нагло кон десно, влегува поостро во loop-от (полукругот) и продолжува напред иако сме наопаку. The Shape (бомбата) ме ослободи повеќе мене, отколку јас неа. Малите бели буриња, сега уште помали, се 6.000 стапки директно под мојот стаклен капак.
Не постои начин да знам дали фрлањето било прецизен удар или не. Тоа е решено од дијаграмите и графиците, математичките професионалци и аглите. Јас ја завршив мојата работа, ги центрирав иглите, компјутерите ја завршија нивната програмска задача автоматски, а нуклеарката сама го прелета остатокот од патот“.