Во Музејoт на град Скопје, во средата, на 21-ви Октомври 2015 година во 20 часот беше претставена изложбата со наслов Мандала, на авторката Соња Чингарова Фотева од Скопје.
Родена во 1959, Велес, во 1978 матурира во гимназија Р.Ј.Корчагин Скопје а во 1984 дипломира Историја на уметност и Археологија на Филозофски факултет, Скопје. Од 1991 сликарството станува нејзина определба. Низ сите овие години, фокус на нејзиниот интерес, проучување и уметничка инспирација се различните културни наследства и филозофии. Сето тоа го преточува во своите сликарски и поетски дела.
Иако нејзиното сликарство и поезија се засебни подрачја на нејзината уметничка експресија, тие преставуваат органско единство. Има објавено три поетски книги и реализирани 10 самостојни изложби во земјата и странство. На оваа изложба со наслов Мандала беа презентирани 30-тина дела работени во маслена техника. Кон темата авторката Чингарова Фотева, во каталогот ќе напише: Мандала е слика на круг и квадрат. Таа е динамичка претстава на односот помеѓу трансцедентно, вечното, боженственото, кон кое човекот природно тежнее, и земното, временско, материјално, во кое се наоѓа сега.
Кругот e моќен симбол на заштита. Кругот е еден од најстарите и најважните основни и универзални сакрални симболи. Кругот е симбол на небото и претставува целовитост, сеопфатност, склад, вечност. Кругот нема почеток и нема крај, симбол на бесконечност.
Квадрат. Тоа е рамностран правоаголен четвороаголник, симбол на замјата и се што е земно. Поим за хармонија, убавина, стабилност, севкупност, неподвижност, трајност…
Алхемиското претварање на кругот во квадрат со еднаква површина е совршено единство на измирени спротивности.
Мандалата води во духовното искачување, врзувајќи ги цврсто телото и душата. Мандалата се јавува во сите култури, од предисторијата до денес; насекаде во светот. Таа е розетата на готичките катедрали, украсот на зидовите и олтарите на тибетанските самостани, орнаментите во мермерните михраби, лавиринтот на палатата во Кносос, основата на равенската Сан Витале и охридските крстилници, кинеската багуа….
Езотеричниот цртеж „квадрат во круг“, всушност, претставува геометриска проекција на светот, или структурално единство на микро и макро космосот. Карактеристики на мандалата се хармонија и симетрија, мерка и пропорција. Мандалата е целина што се шири од нејзиното средиште, од центарот кој е најчесто претставен со точка што го означува тоталитетот. Точката е апсолутното ништо и единство на се, почеток и извор на постоењето на сите светови. Мандалата е обединувачки симбол на центарот, средината и периферијата. Мандала е објект за медитација. Таа го јакне внатрешното битие и внесува во медитациски длабочини, вдахнува ведрина, чувсто за смисла и ред.
Гледањето во мандала е пресликување на нејзината суштина во нас. Мандалата го поттикнува, усмерува и коригира духовното растење на личноста, а воедно претставува крајна и никогаш во целост достиглива цел на индивидуација. Мандалата со својата складна конфигурација на спротивности ги спојува патувањето со неговата цел, внатрешното и надворешното, кругот и правоаголникот, средиштето и периферијата, небото и земјата, различноста и единството на се во универзумот.
За творештвото на Соња Чингарова Фотева, на изложбата проговори проф.д-р Ана Димишкова, која го напиша и текстот во каталогот.