Роберто Манчини сè посериозно размислува за можноста за заминување од кормилото на Манчестер Сити, бидејќи италијанскиот стратег е незадоволен од недоволната активност на англискиот првак на фудбалската берза летово.
„Граѓаните“ неколку години наназад го имаа главниот збор при ангажманот на нови фудбалери, но летово веќе ги загубија трките по Еден Азар и Робин ван Перси, како и по уште неколку други потенцијални засилувања.
Единствениот нов играч во сити е Џек Родвел, којшто е далеку од екстра фудбалер каков што посакува Манчини за да продолжи со освојувањето на трофеи со Манчестер Сити. Близок пријател на менаџерот на Сити открива дека тој веќе имал неколку конфликти со управата, којашто ќе ја смета за најодговорна во случај на неуспех.
„Морате да го разберете Роберто, тој е многу амбициозен и откако ја освои титулата во Премиер лигата, со мислите веднаш се насочи кон Лигата на шампионите. За остварување на таа цел потребни му се нови фудбалери, коишто управата одбие да му ги донесе. Манчини на почетокот на преодниот рок имаше три желби, Јоветиќ, Маикон и Де Роси, ниту еден од овие три фудбалери не му беше донесен во клубот. Нормално е да се чувствува издаден од управата и да почне да размислува за заминување од клубот. Тој досега искажа огромна лојалност кон Сити, но кога чувствува дека не му се возвраќа со иста мера, сега сигурно многу посериозно ќе ги разгледува сите понуди за преселба во друг клуб што досега експресно ги одбиваше“ гласи изјавата на пријателот на Манчини за „Дејли Мејл“.