Манчестер Сити ја победи Премиер лигата во спорот околу правилата за спонзорските договори


Актуелниот англиски фудбалски шампион Манчестер Сити извојува правна победа против англиската Премиер лигата, откако судиите одлучија дека некои од правилата за спонзорство на натпреварувањето се незаконски.

Правилата за трансакциите со поврзаните страни (APT) на Премиер лигата беа наменети да ги спречат компаниите поврзани со сопствениците на фудбалски клубови намерно да плаќаат повеќе за зделки со самите клубови.

Правилата беа воведени по преземањето на Њукасл Јунајтед од фондот од Саудиска Арабија во обид да се спречат богатите сопственици да ги зголемуваат приходите на своите тимови без да ги прекршуваат правилата за финансиски фер-плеј.

Поради овие прописи, Премиер лигата го отфрли новиот спонзорски договор што Манчестер Сити го потпиша со „Etihad Aviation Group“ на крајот од 2023 година, како и друг договор со банка со седиште во Абу Даби.

Советот од тројца пензионирани судии пресуди дека Премиер лигата згрешила со тоа што ги суспендираше деловните операции, бидејќи елементи од регулативата на ATP го кршат Законот за пазарно натпреварување.

„Утврдено е дека Премиер лигата ја злоупотребила својата доминантна позиција. Трибуналот утврди дека правилата се структурно неправедни и дека Премиер лигата е особено неправедна во начинот на кој ги применува правилата на клубот во праксата. Утврено е дека правилата се дискриминаторски во работењето, бидејќи намерно исклучувале акционерски кредити“, објави Сити на своите интернет страници.

Англиските медиуми велат дека оваа пресуда ќе ѝ нанесе голем удар на Премиер лигата, бидејќи ќе го промени правецот на идното финансиско управување на лигата.

„Тоа може да влијае дури и на идните резултати со тоа што ќе им олесни на клубовите со супербогати сопственици да преговараат за профитабилни спонзорски договори, како и да го олеснат купувањето и продавањето на играчи меѓу клубови со исти сопственици“, пишува The Daily Mail.

Се огласи и Премиер лигата, која соопшти дека Трибуналот ги одбил повеќето барања од Манчестер Сити.

„Премиер лигата ги поздравува наодите на Трибуналот, кои ги поддржаа основните цели, рамката и одлучувањето во рамките на системот APT. Трибуналот ја потврди потребата од системот APT како целина и ги отфрли повеќето од тврдењата на Манчестер Сити. Трибуналот идентификуваше неколку специфични елементи од Правилата кои, во нивната сегашна форма, не ги задоволуваат барањата на конкуренцијата и јавното право, овие елементи можат брзо и ефективно да се променат од Лигата и клубовите“, се наведува во објавата.

Случајот е одделен од 115-те обвиненија со кои Сити се соочува за кршење на правилата во Премиер лигата, за наводно недавање точни финансиски податоци од 2009 до 2018 година.

- Реклама -