Манчестер Јунајтед организира репризен натпревар на финалето од ЛШ против Баерн во 1999-та

Манчестер Јунајтед има одлична идеја за тоа како да ја одбележи 20-годишнината од освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во 1999 година. Ќе организира реприза на тој незаборавен натпревар против Баерн Минхен, со истите играчи.

Натпреварот би бил хуманитарен, а би играле сите актери од натпреварот кој во 1999-та Манчестер Јунајтед го доби со 2:1. Би судел Пјерлуиџи Колина, а натпреварот би се играл на Камп Ноу, со цел да се доловат што е можно поавтентични услови со оние пред 20 години, кога финалето од трибините го следеа 90.245 гледачи.

Можеби пресвртот на Манчестер Јунајтед во тој натпревар не беше сензационален до истата мера како пресвртот на Ливерпул против Милан во 2005-та, но дефинитивно ќе остане запаметен како еден од таквите. Тогаш, на 26 мај ’99-та, Баерн водеше со 1:0 веќе од 6. минута, со голот на Марио Баслер од слободен удар. Во текот на натпреварот Баерн промаши уште барем три големи шанси за да стави точка на тоа што се чинеше дека ќе биде победа.

Јунајтед играше речиси невидливо, сé додека Алекс Фергусон во завршницата не ги внесе во игра Теди Шерингам и Оле Гунар Солскјер (кој денес е тренер на клубот). Токму тие, во невидената драма во судиското продолжение, му донесоа на Манчестер пресврт и титула.

Во 91. минута, при корнерот на Манчестер Јунајтед, во нападот се приклучи и нивниот голман – Петер Шмајхел. Бекам ја уфрли топката, а во големата мешаница во шеснаесетникот и по лошиот шут на Гигс, топката во мрежата ја смести Теди Шерингам.

„Неколку минути порано видов како го носат пехарот со лентите на Баерн околу рачките. Но ние бевме страшен тим и знаев дека уште не е готово“, се присетува неколку години подоцна Бекам.

Триесетина секунди подоцна, Англичаните се изборија за уште еден корнер. Шмајхел повторно тргна во напад, но овојпат Фергусон речиси и да остана без гласни жици викајќи по него да се врати на голот. Како и да е, Бекам повторно ја уфрли топката, Шерингам биеше со глава, а неговиот удар со неверојатен рефлекс во мрежата го смести Оле Гунар Солскјер, токму под пречката, што на Манчестер му донесе победа од 2:1 и шампионска титула.

Составите: 

Manchester United: Schmeichel, G. Neville, Johnsen, Stam, Irwin, Giggs, Beckham, Butt, Blomqvist (од 67. минута – Sheringham), Yorke, Cole (од 87. мин. Solskjaer)

Bayern: Kahn, Matthäus (од 80. Fink), Babbel, Linke, Kuffour, Tarnat, Effenberg, Jeremies, Basler (од 87. Salihamidžić), Jancker, Zickler (од 71. Scholl)

Стрелци: 0:1 Basler 6′, 1:1 Sheringham 90’+1′, 2:1 Solskjaer 90’+3′

- Реклама -