Влакнестиот мамут, изумрен илјадници години, би можел повторно да оживее за најмногу четири години благодарејќи на напредна технологија за клонирање. Претходните обиди за наоѓање на јадро од клетка од кожата или мускулите на мамутите најдени во Сибир биле неуспешни бидејќи биле оштетени од екстремниот студ.
Но користејќи нова техника создадена во 2008 година од доктор Терухико Вакајама, успешно бил клониран глушец од клетка на друг глушец кој бил замрзнат веќе 16 години. Со надминувањето на оваа пречка, Акира Иритани, професор од Универзитетот во Кјото, ја рестартирал неговата кампања за повторно оживување на животното кое изумрело пред 5000 години.
„Сега, откако ги надминавме техничките проблеми, сè што ни треба е добар примерок од меко ткиво на замрзнат мамут“ изјавил Иритани за Дејли Телеграф. Тој планира да ја искористи техниката на доктор Вакајама за да идентификува соодветни јадра од клетки на мамут пред да ги извлече здравите. Јадрото потоа ќе биде вметнато во јајце клетки на африкански слонови, кои ќе имаат улога на сурогат мајки за мамутот. Професорот Иритани проценува дека ќе бидат потребни уште две години пред слонот да биде оплоден, по што се очекува нормална бременост од околу 600 дена.
Тој најави дека планира да го посети Сибир ова лето во потрага по мамути и примерок на кожа или ткиво кое би можело да биде околу 3 сантиметри квадратни. Ако не успее, професорот вели дека ќе побара примерок од неговите руски колеги. „Успехот кај клонирањето говеда бил многу мал до неодамна, но сега е околу 30 проценти“ додал тој. „Мислам дека имаме разумна шанса за успех, и можеме да очекуваме раѓање на здрав мамут за четири години.“ [Mammoth ‘could be reborn in four years’]