Малта прва во ЕУ легализира канабис за рекреативна употреба

Валета, 14 декември 2021 (МИА) – Малта ќе стане првата земја во ЕУ што ќе дозволи употреба, купување и одгледување на канабис за рекреативна употреба по денешното гласање во Парламентот на земјата.

Според новиот закон, возрасните корисници на канабис можат да носат до седум грама канабис, да одгледуваат до четири растенија дома или да купуваат мали количини од здруженија формирани за трговија со канабис.

Здруженијата за канабис ќе мора да работат како непрофитни организации и ќе им биде забрането да ги рекламираат своите производи или услуги.

На лицата со претходни пресуди за кривични дела поврзани со поседување канабис ќе им биде избришано криминалното досие.

Парламентот на Малта го одобри законот и покрај тоа што пратениците од опозицијата гласаа против. Сега се очекува одобрениот закон да биде потпишан од претседателот на Малта во рок од неколку дена.

Прочитајте и:  ФТ: Западот останува зависен од Кина поради ниските цени на литиумот и високите оперативни трошоци

Владата на Малта тврди дека реформата е мерка за намалување на штети која ќе го задуши црниот пазар за канабис и ќе стави крај на криминализацијата на корисниците.

„Ако возрасен човек одлучи да користи канабис, тој или таа мора да имаат безбеден и регулиран пат од каде може да се добие канабис“, рече министерот за реформи Овен Боничи, кој се заложи за реформата.

Законот беше усвоен и покрај жестокото противење од работодавачите, медицинските здруженија на едукатори и организациите предводени од црквата.

Додека земјите како Холандија и Шпанија толерираат рекреативен канабис, Малта е првата земја од ЕУ што официјално донесе закон кој дозволува негова продажба и производство. Луксембург и Германија, исто така, посочија дека имаат намера да воведат закони со кои се регулира рекреативната употреба на канабис, а се очекува и Италија да организира референдум за ова прашање.

- Реклама -