(Малолетните деца на) Рашковски градат супер-хациенда од 800 квадрати во Побожје

 

Семејството на поранешниот генерален секретар во Владата, а сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при релизација на програмите за работа на Владата – Драги Рашковски, ќе гради луксузна хациенда во викенд населбата Побожје. Инвеститори се неговите две малолетни деца, објави денеска „Алсат“.

Според нивните информации, објектот што ќе се гради има вкупна површина од над 800 метри квадратни, а покрај простор за домување, ќе има и базен, теретана, соба за билјард и разни други погодности. Според имотниот лист, досега на плацот постоела викенд-куќа од околу 60 метри квадратни.

Како што посочува „Алсат“, Рашковски во Побожје поседува земјиште од 11.000 m², кое за првпат се појавува во анкетниот лист по ланските избори. Со други зборови, Рашковски го купил земјиштето откако станал Генерален сектерат на Владата, и тоа за речиси 100 илјади евра.

Вчера, пак, „360 степени“ објави (ВИДЕО) дека Рашковски вози и луксузен џип кој исто така не е пријавен во неговиот анкетен лист. Станува збор за „Волво XC 90“ од актуелната генерација на моделот, чиј основен модел вреди 74.000 евра. Според „360 степени“, Рашковски го користи возилото главно во приватното време, а не и кога оди на работа во Владата.

Во меѓувреме, додека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја истражува набавката на Рашковски на софтвер за МВР кој никој не го користи, Антикорупциска ќе ја проверува неговата реална имотна состојба и ќе провери дали Рашковски троши повеќе отколку што неговите примања му дозволуваат. Доколку се утврди такво нешто, истрагата ќе оди подлабоко и во истата ќе се вклучат и други институции, меѓу кои и финансиска полиција, вели претседателката на ДКСК – Билјана Ивановска.

Рашковски засега не одговорил на барањата за коментар кои му ги упатиле „360 степени“ и „Алсат“, ниту за џипот, ниту за викендицата во Побожје.

- Реклама -