Македонските фудбалери мотивирани и подготвени ја пречекуваат Романија во мундијалските квалификации

Скопје, 8 септември 2021 (МИА) – Македонската фудбалска репрезентација вечерва во Скопје ја пречекува Романија во обид со победа да ја прекине серијата нерешени натпревари во септемврискиот циклус од мундијалските квалификации и да ги задржи шансите за пласман на завршниот турнир во Катар идната година.

По ремито без голови против Ерменија на домашен терен и освоениот бод на гостувањето во Рејкјавик минатата недела, македонските фудбалери се спуштија на четвртото место во квалификациската група Ј со осум бодови, еден помалку и место подолу од вечерашниот противник.

– Романија е многу добар тим. Меѓутоа, ние сме фокусирани на нашата игра и како треба да изгледаме на теренот. Ова ќе биде комплетно различен натпревар од оној што го одигравме во Букурешт (во март). Не мислам дека е решавачки. Се надевам дека до самиот крај (на квалификациите) ќе бидеме во игра за второто место во групата. Играчите се мотивирани и подготвени за предизвикот, изјави македонскиот селектор Благоја Милевски на официјалната прес – конференција во Скопје.

Натпреварот е со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“, а за главен судија е назначен еден од најдобрите европски судии Антонио Лахос од Шпанија.

Во другите два натпревари вечерва од групата Ј, Исланд ја пречекува Германија, додека Ерменија е домаќин на Лихтенштајн.

- Реклама -