По „ремиксот“ од химната што Тамара Тодевска го изведе вчера на приемот во Амбасадата на САД, за кој, судејќи по реакциите, многумина се убедени дека е тенденциозен, а не случаен, денеска пејачката од дното на срцето преку Фејсбук се извини и побара простување за големата грешка.
„Почитувани, Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка. Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од амбасадата на САД. Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце да ми простите. Со почит, Тамара“, напиша пејачката.
Истовремено, за грешката со реакција се јави и Владата:
„Владата го честита националниот празник Ден на независноста на САД и на американскиот народ. Убавите манифестации кои Амбасадата на САД по овој повод ги организира секоја година се одлична можност за оддавање меѓусебна почит и за продлабочување на соработките меѓу двете земји и народите на двете земји. Владата доби известување од Амбасадата на САД и од изведувачката на химната Тамара Тодевска дека станува збор за ненамерна грешка при изведување на химната, како и уверувања за највисоко ниво на почит кон македонските традиција и херои“, велат од Владата, и додаваат дека и покрај потпишувањето на Договорите со Грција и Бугарија, промена на химната нема да има.