Македонија умерено подготвена во областа на енергетската политика, нотира ЕК

Северна Македонија е умерено подготвена во областа на енергетската политика. Постигнат е ограничен напредок, особено со усвојувањето на Националниот план за енергија и клима и инвестициите во соларни електрани, но треба да ја забрза својата транзиција кон обновливи извори и значително да ја намали зависноста од гас, се констатира во Извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава.

Во наредната година се препорачува дека треба да заврши раздвојувањето (сертификацијата) на системот за пренос на гас и да се зголеми бројот на вработени и техничкиот/инженерскиот капацитет во Секторот за енергетика во Министерството за економија и во Агенцијата за енергетика.

„Потребите за енергетска диверзификација стануваат итни, додека мерките за подобрување на енергетската ефикасност заостануваат. Економијата се карактеризира со висок енергетски интензитет со ниска ефикасност во производството и потрошувачката на енергија. Производството на електрична енергија е многу зависно од јагленот, а со намалувањето на домашните резерви на јаглен, од увозот. Владата планира да го зголеми уделот на обновливите извори на енергија на 35-45 отсто од потрошувачката на енергија до 2040 година“, се вели во Извештајот од ЕК.

За вкупното распределено количество во 2021 година се посочува дека изнесуваше околу 426 милиони кубни метри или за 26,13 отсто повеќе во споредба со 2020 година.

„Гасот сочинува околу 11 отсто од производството на електрична енергија, а 100 проценти од гасот во земјата се увезува од Русија преку едно поврзување. Поврзувањето со регионалните гасоводи напредува бавно. Работите на гасната интерконекција со Грција сè уште не се започнати. Овој проект ќе поддржи диверзификација на изворите на природен гас и ќе го олесни пристапот до транзитните цевководи“, се вели во Извештајот од ЕК.

Понатамошното подобрување на енергетската ефикасност, вклучително и во станбените и јавните згради, како што се нагласува, е важно за да се намали зависноста на економијата од увоз на енергија и да се овозможи намалување на фискалните субвенции за енергија.

„Сепак, делумно поради ограничениот технички капацитет, Владата не напредуваше со усвојувањето на потребните подзаконски акти за спроведување на Законот за енергетска ефикасност од 2020 година. Исто така, останува да се усвои правната и регулаторната рамка за формирање на Фондот за енергетска ефикасност. Владата обезбедува низа финансиски иницијативи за поддршка на приватниот сектор во неговите напори за зазеленување, вклучувајќи го неодамна усвоениот План за забрзан раст (2022-2026), кој предвидува два фонда за финансирање проекти за зелена економија“, се констатира во Извештајот од ЕК.

Се препорачува земјава да го усвои и спроведе законодавството за спроведување на енергетска ефикасност, да ги искористи придобивките од гаранциите за потекло на Енергетската заедница и да потпише директен договор со давателот на услугата за користење на националниот електронски регистар за издавање, поништување и трговија на гаранции за потекло, во согласност со стандардите на ЕУ.

„Што се однесува до безбедноста на снабдувањето, неопходно е да се да се процени количината на јаглен потребна за да се обезбеди добро функционирање на термоелектраната Битола, вклучително и инвестиции во нови ресурси. Државната компанија за производство на електрична енергија ЕСМ треба да го подобри работењето и одржувањето на капацитетите за производство на електрична енергија“, се вели во Извештајот од ЕК.

Се нагласува дека веќе е усвон Закон за задолжителни нафтени резерви и е формирана Агенција за задолжителни нафтени резерви, како и планови за ослободување на залихите во случај на вонредна состојба.

„Залихите на нафта одговараат на 54 дена просечна дневна потрошувачка. Во тек е изградбата на нов 400 киловолтен интерконектор со Албанија. Капацитетите за интерконекција на границата со Грција и Косово билатерално се распределуваат преку централната аукциска канцеларија во Југоисточна Европа и други. Имплементацијата на патоказот за спојување со Бугарија чека на воспоставување пазар за ден однапред во земјата“, се посочува во Извештајот на ЕК.

Се потенцира дека операторите на преносните системи на Северна Македонија и Грција потпишаа договор за соработка за поврзувањето со гасни интерконекции во септември 2021 година.

„Имаше одложувања во формирањето и сертификацијата на независни оператори за пренос на гас, како предуслов за интерконекција со Грција и диверзификација на изворите на енергија. Земјата усвои петгодишна програма за имплементација на Стратегијата за развој на енергијата и интегриран Национален план за енергија и клима во мај 2022 година. Со оглед на енергетската криза, за Владата станува уште поважно да го зголеми својот административен капацитет во справувањето со енергетската политика, стратешкото планирање и спроведувањето на активностите во соодветните институции“, се вели во извештајот и се додава дека националното рамковно законодавство на внатрешниот пазар на енергија е во согласност со третиот енергетски пакет на ЕУ за гас и електрична енергија.

Пазарите на електрична енергија и гас, како што се посочува, се отворени за конкуренција.

„Има напредок во усвојувањето на соодветното законодавство за спроведување. Операторите на мрежата за пренос и дистрибуција на електрична енергија се раздвоени во согласност со законодавството на ЕУ. Како и минатата година, операторот на системот за пренос на гас сè уште не е раздвоен согласно третиот енергетски пакет. Исто така, регулативата за интегритет и транспарентност на пазарот на енергија на големо (REMIT) сè уште не е достигната. Пристапот на трети лица до инфраструктурата за природен гас е во согласност со законодавството на ЕУ, но транспарентноста треба да се подобри. Работите за изградба на гасоводот меѓу Неготино-Битола и Скопје-Тетово-Гостивар напредуваат“, се вели во Извештајот од ЕК.

Цените на бензинот, се додава, на големо се целосно дерегулирани, но пазарот останува неликвиден без виртуелна трговска точка.

„Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) е функционална и продолжи да демонстрира регулаторна независност. Комисијата за заштита на конкуренцијата не спроведе истрага во енергетскиот сектор“, се нагласува во Извештајот и се посочува дека во областа на јаглеводородите, законот за минерални ресурси останува да се усогласи со директивата за лиценцирање на јаглеводороди.

Изменетиот национален акциски план за обновлива енергија, се истакнува дека е во согласност со ревидираната обврзувачка цел од 23 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори на енергија до 2020 година и 24 отсто до 2025 година.

„Во 2020 година, земјата постигна само 19,3 отсто учество. Законот за енергија е умерено усогласен со директивата за обновливи извори на енергија. Инвестициите во хидроенергијата треба да бидат во согласност со релевантното законодавство за животна средина. Треба да се промовира оптимизирање на услугите за балансирање и инвестиции во пренос на енергија и складирање енергија за да се подобри интеграцијата на обновливите извори на енергија во мрежата. Ограничувањето на капацитетот по тип на технологија за обновлива енергија треба да се отстрани за да се овозможи постигнување на целите за обновлива енергија до 2025 година“, се посочува во Извештајот од ЕК.

Сè уште, како што се вели, не постои електронски систем за издавање, пренос и укинување на гаранциите за потекло.

„Потребно е усогласување со законодавството на ЕУ за одржливост на биогоривата. На потрошувачите на електрична енергија им е овозможен правилникот за обновливи извори на енергија, но недостига негова имплементација поради неколку административни пречки. Транзицијата кон чиста енергија бара координација, вклучувајќи механизам за управување, акциски план и механизам за следење за процес на „праведна транзиција“. Овој процес треба да вклучи ублажување на негативните социјални и економски влијанија од планираното затворање на електрани на јаглен во соодветните региони“, се посочува во Извештајот од ЕК.

Четвртиот акциски план за енергетска ефикасност, се додава, е усвоен во септември 2021 година.

„Законот за енергетска ефикасност е усогласен со директивите за енергетска ефикасност и енергетски карактеристики на зградите. Сепак, нема промени во однос на недоволната имплементација на сегашната законска регулатива. Донесувањето на законодавството за имплементација, исто така, останува предизвик, поради ограничениот човечки и технички капацитет во Секторот за енергетика на Министерството за економија и Агенцијата за енергетика. Финансиските стимулации за енергетска ефикасност треба да се подобрат, вклучително и со формирање на фонд за енергетска ефикасност. Општините се охрабруваат да преземат чекори за целосно почитување на нивните обврски за развој и спроведување на програми за енергетска ефикасност“, се препорачува во Извештајот од ЕК.

За нуклеарна енергија, нуклеарна безбедност и заштита од радијација, се нагласува дека земјава ги има ратификувано релевантните меѓународни конвенции и е полноправна членка на системот за итна размена на радиолошки информации на Европската заедница (ECURIE).

„Владата усвои национална политика за управување со радиоактивен отпад. Сепак, во земјава сè уште нема долгорочно и безбедно складирање на радиоактивен отпад“, се констатира во Извештајот на ЕК.

Енергетската политика на ЕУ опфаќа снабдување со енергија, инфраструктура, внатрешниот пазар на енергија, потрошувачите, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, нуклеарна енергија и нуклеарна безбедност и заштита од радијација.

МИА

- Реклама -