Со 32-29 против Чиле, Македонија ја оствари првата победа на СП во ракомет во Египет и продолжува во следната фаза.
Со лабилна и статична одбрана и многу примени голови од контри во првото полувреме, македонските ракометари повторно се ставија во позиција да го бркаат резултатот. Иако околу 20-тата минута стигнаа до предност, Чиле брзо го реши тој проблем, па на полувреме заминавме со еден гол негатива, со дури 17 примени голови од репрезентацијата која важи за аутсајдер на првенството. Светли точки беа голманот Никола Митревски со осум одбрани и петте гола на младиот Ненад Костески.
Во второто полувреме, по неколку минути поцврста игра во одбраната, Македонија успеа да поведе, а кон 40-тата минута од натпреварот стигна и до предност од 4 гола. Чиле стопи два од нив, а се чинеше дека може да ги надомести и останатите, но со неколку клучни одбрани на Митревски и Томовски, како и повремено фунционалниот напад, ѝ овозможија на македонската репрезентација да стигне до победата. Во тоа веројатно помогна и советот од капитенот Кире Лазаров, кој при неколку нереализирани напади, на тајм-аут им забележа на соиграчите дека никаде ги немало кога требало да се шутира на изминатите натпревари, а сега при водство избрзуваат кој попрв да шутне.
Лазаров беше и прогласен за играч на натпреварот, со 8 гола. Костески заврши со 5 постигнати гола, како и Жарко Пешевски. Митревски го заврши мечот со 14 одбрани.
Меѓу Чилеанците, најдобри беа Родриго Салинас со 8 гола и Себастијан Себалјос со 7.
Во следната фаза, почнувајќи на 20 јануари, Македонија ќе игра со Белорусија, Русија и Словенија.