Фудбалската репрезентација на Македонија се најде на 81. место на листата на ФИФА на последното рангирање на 2012 година. Тоа е скок од две позиции во однос на минатиот месец и напредок од 22 места во однос на почетокот на годината, која „црвено-жолтите“ ја стартуваа на 103. место.
Во 2012 година најлош пласман беше 104. позиција, но по триумфот над Србија во квалификациите за СП 2014, ранкингот на Македонија се подобри до 83. место. Сега сме уште две позиции напред, а можевме да ја завршивме годината и на 75. место, но, сепак, негативно влијаеше поразот на националниот тим на пријателскиот натпревар против Полска (1-4) во Анталија.
Од противниците кои се наоѓаат во нашата квалификациска група за мундијалот во Бразил, селекцијата на Хрватска е рангирана на десеттата позиција, Белгија се најде на 21. место, со пад од една позиција во однос на минатиот месец, а Србија е на 38 место. Селекцијата на Шкотска е рангирана како 72 позиција, а Велс е на 82. место, што значи дека Македонија веќе не е последнорангирана во квалификациската група. Репрезентацијата на Велс на ова последно рангирање забележа пад од цели 16 позиции.
На врвот на листата на ФИФА, и понатаму нема промени кај првите три репрезентации, водечка е Шпанија, која е европски и светски првак, пред Германија и Аргентина. Селекцијата на Италија напредна за едно место и сега е четврторангирана, Колумбија се најде на петтото место, а во првата „десетка“ се и репрезентациите на Англија, Португалија, Холандија, Русија и Хрватска.