Мајка од Скопје во неверување: „Вашето дете има ист матичен број со друго лице“

Во градинка во Скопје не е возможно семејство да си го запише детето, бидејки неговиот матичен број веќе постоел во системот на Министерството за труд и социјала, но се води на друго дете. Ова е ситуацијата со која се соочува семејството кое на Фејсбук објави дека биле во неверување кога од градинката каде било запишано нивното дете им било кажано дека постојат две лица со ист матичен број. Од Семејството објасниле и дека детето паралелно не е запишано во друга градинка, освен во таа каде сега веќе поради „системот“ не може да престојува.

По повеќе проверки од пасош, извод…ситуацијата останала иста, па одговорот од градинката до семејството била дека: „не можеме да го примиме додека нема матичен“. За иронијата да биде поголема детето со истиот матичен број без проблем поминува граница.

„Република“ побара одговор од МВР оттаму велат дека досега не е пријавен случај дека две или повеќе лица имаат ист матичен број.

Согласно Законот за матичен број, матичниот број на граѓанинот се определува автоматски, што значи дека не е можно на две лица (деца) автоматски да се определат два исти матични броеви.Определениот матичен број од МВР се доставува за понатамошна постапка до Управата за водење на матични книги при Министерството за правда. Досега во МВР не е пријавен случај дека две или повеќе лица имаат ист матичен број, стои во одговорот на Министерството за внатрешни работи.

За овој несекојдневен случај одговор побаравме и од Управата за водење на матични книги, но до објавување на текстот не добивме повратен одговор.

Според Законот за матичен број на граѓанинот (,,Службен весник на Р.М.“ бр.137/13 и 55/16), матичниот број на граѓанинот претставува единствена ознака на идентификационите податоци на граѓанинот и се состои од тринаесет цифри распоредени во шест групи и тоа:

1 група: ден на раѓање ( две цифри);

2 група: месец на раѓањето ( две цифри);

3 група: година на раѓање ( три цифри );

4 група: регистрационото подрачје во кој е определен матичниот број ( две цифри );

5 група: комбинација на полот – мажи од 000 до 499 и жени од 500 до 999;

6 група: контролен број ( една цифра).

Делот на матичниот број што го означува денот на раѓање 1 група, месецот на раѓање 2 група, годината на раѓање 3 група и полот 5 група се определува врз основа на податоците од матичната книга на родените, а контролниот број 6 група се определува автоматизирано.

- Реклама -