Мајами хит уште еднаш покажа дека се снаоѓа одлично во дуелите со Оклахома сити тандер, совладувајќи го големиот ривал во репризата од ланското финале со 103-97. „Жешките“ експресно стигнаа до двоцифрена предност, Оклахома многу брзо се врати во мечот, па во преостанатиот тек можеше да се проследи одлична кошарка од двата тима. Исто како и пред шест месеци во ланскиот плејоф, на крајот повторно се радуваа Леброн Џејмс, Двејн Вејд и останатите кошаркари на Мајами.
„Оклахома сити е еден од најнепредвидливите тимови во лигата и мора да си подготвен да ја менуваш тактиката неколку пати во текот на натпреварот кога играш против нив. Сепак, ние одговоривме на предизвикот и уште еднаш покажавме дека играме најдобро против најсилните тимови во лигата“ – изјави тренерот на Мајами, Ерик Сполстра.
Леброн Џејмс беше главна фигура во таборот на Мајами со 29 поени, 9 асистенции и 8 скокови, Двејн Вејд реализираше 21 поен, додека Марио Чалмер постигна за него рекордни сезонава 20 поени. На спротивната страна, на Оклахома не и помогна ниту одличното издание на Кевин Дурент (33 поени), додека Расел Вестбрук стигна до дабл-дабл од 21 поен и 11 скокови.
Лос Анџелес клиперс сега се тимот со најдобар скор во лигата, откако триумфот над Денвер од 112-100 беше вкупно 22. за клиперси, кои што имаат претрпено само шест порази сезонава. Како клучна се покажа неверојатната втора четвртина на тимот од Лос Анџелес, кој постигна фантастични 42 поени за дванаесет минути игра и си создаде предност што потоа рутински ја задржа до самиот крај. Во главна улога беа „резервистите“, Крофорд постигна 22, а Барнс 20 поени, додека Крис Пол беше стрелец на 14 поени, дополнети со осум асистенции во 14. победа во низа на ЛА клиперс.
Резултати НБА:
Бруклин – Бостон 76-93, ЛА лејкерс – Њујорк 100-94, Мајами – Оклахома сити 103-97, Чикаго – Хјустон 97-120, ЛА клиперс – Денвер 112-100.