Постојат различни стереотипи во однос на луѓето кои чуваат куче или мачка за домашно милениче – приврзаниците на кучињата се отворени, динамични и општествени, а оние кои претпочитаат мачки, се превртливи. Овие претстави не секогаш соодвестуваат на вистината.
Една студија на Универзитетот во Тексас, САД, има за цел да ги отфрли или потврди овие клишеа.
Вие сте енергични, влевате доверба и имате весел карактер? Тогаш најдобриот пријател на човекот може да стане вашиот најдобар пријател. Ако сте љубопитен, мислите неконвенционално и често се грижите, тогаш е поверојатно мачката да е миленикот за вас.
Сопствениците на кучиња се повеќе дисциплинирани, имаат силно чувство за планирање на денот и тактичност – тоа го докажува истражувањето на американскиот универзитет. Покрај тоа тие се екстроверти – ентузијасти, позитивни и енергични. Љубителите на кучиња се социјални личности. Тие се мили и честопати дружељубиви.
Луѓето кои преферираат мачка за домашно милениче, се повеќе отворени кон нови искуства – тие се љубопитни, уметнички настроени и креативни. Расудуваат неконвенционално. За разлика од сопствениците на кучиња, сепак, „мачкарите“ се почесто загрижени и се повеќе подложни на стрес.
Сепак, според резултатите од анкетата, постојат луѓе кои се радуваат на куче, а се исклучително креативни или се интровертни. Од друга страна мачките ги штитат од стрес своите сопственици. Затоа и одлуката да земеме куче или мачка, зависи само од нас.