Љупчо Палевски брутално претепан, како во филм, од две лица на мотор, се наоѓа во критична состојба

Бизнисменот и политички активист – претседател на движењето „Трета“ – Љупчо Палевски, попладнево во близина на трговскиот центар „Буњаковец“ бил брутално претепан пред својот дом и е во болница во критична состојба. Според информациите на „Нетпрес“, Палевски има неколку хематоми на главата, скршена рака и неколку повреди по телото, а лекарите се борат за неговиот живот.

Според МВР, во 17:15 часот било пријавено дека на улица „Златко Шнајдер“ во Скопје, две лица со мотор со метален предмет го нападнале Палевски. Се работи на расчистување на случајот, велат оттаму.

Информацијата за претепувањето на Палевски, познат и како Палчо, беше објавена на Фејсбук страната на движењето „Трета“. Според напишаното, се работи за две лица облечени во црно, со црни кациги.

Палевски беше еден од најгласните поборници за бојкот на референдумот за промена на името, а се залагаше и за бојкот на претседателските избори. Во својата политичка активност беше силно критички настроен кон власта и кон работата на поранешниот прв човек на службата за државна безбедност во МВР – Сашо Мијалков.

Палевски помина 9 месеци во притвор во Србија поради  фактура од 2.5 илјади и долг што, според него, не бил негов. Според тврдењата на Палевски, тоа беше само маска за вистинските причини, кои се политички.

Прочитајте и:  Мицкоски за Денот на албанската азбука: Писменоста и образованието не се луксуз, тие се основни права и патот до трансформација на општеството

По враќањето во Македонија, Палевски обелодени афера за предмет од 1.400 страници под кодно име „Атлантик“, во кој во периодот пред референдумот биле следени и прислушкувани новинари, политичари, активисти и сите позначајни заговорници на бојкот на референдумот, под обвинение за „домашен терорирам“ и „македонски екстремизам“, потсетува „МКД.мк“.

По информацијата за нападот врз Палевски, реагираше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски:

„Иако имаме различни мислења за одредени теми, иако и често знае да ме критикува, но искрено и човечки давам поддршка за Љупчо Палевски и најостро го осудувам дивеењето по улиците и физичкиот напад врз него.

И да не се залажуваме, власта многу добро ги знае сторителите и нарачателите на ваквиот крвав инцидент. Наместо Европска Македонија, добиваме држава во која мафијата со неистомислениците се пресметува со тупаници и шипки.

Ако владата не го расветли инцидентот во најбрз можен рок, тогаш народот треба да знае како да се самозаштити во иднина“, напиша тој.

- Реклама -