Луис Суарез објави крај на репрезентативната кариера


Легендарниот уругвајски напаѓач, 37-годишниот Луис Суарез објави крај на својата репрезентативна кариера во која забележа 142 настапи во текот на 17 години и стана најдобар стрелец во историјата на „Селесте“ со 69 голови.

„Во петок ќе го одиграм мојот последен натпревар за репрезентацијата. Ова е тешка одлука, но ја донесов свесно бидејќи до крајот давав сѐ од себе, а огнот со кој ја претставував мојата земја воопшто не стивнува“, изјави Суарез.

Уругвај во петок ќе го пречека Парагвај во Монвидео во квалификацискиот натпревар за Светското првенство кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.

Суарез дебитираше за Уругвај во 2007 година и беше дел од репрезентацијата која заврши на четвртото место на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година, додека во 2011 година со Уругвај го освои јужноамериканското првенство. На почетокот на оваа година го освои третото место со Уругвај на Копа Америка, а токму тој го постигна победничкиот гол против Канада во дуелот за бронзата.

„Мојот сон беше децата да ме видат како освојувам нешто големо со репрезентацијата. Последниот гол им врати убави спомени иако не се вративме дома со трофејот. Можев и тогаш да се збогувам со репрезентацијата, но откако размислив решив дека тоа сакам да го направам на својот стадион опкружен со своите луѓе“, додаде Суарез.

Суарез моментално е член на американскиот МЛС клуб Интер Мајами каде игра заедно со соиграчите од славните денови на Барселона – Лионел Меси, Серхио Бускетс и Жорди Алба и претходно најави дека Мајами ќе биде последниот клуб во неговата кариера.

- Реклама -