Полицијата во рускиот регион Иркутск покренала истрага откако ловџија пријавил дека мечка му украла две пушки некаде во сибирската тајга.
Според извештајот, 57-годишниот ловџија на 16 ноември бил во лов на километри од најблиското село и одлучил да остане во тамошната ловџиска куќарка. Го оставил својот „багаж“, меѓу кој и двете пушки, и заминал по вода.
Кога се вратил, наслушнал сомнителни звуци и здогледал мечка како се вртка околу колибата. Исплашен од можната блиска средба со животното, ловџијата избегал во шумата и таму се криел неколку часа.
Кога конечно се вратил, овојпат вистински, видел дека му ја нема торбата со двете пушки. Неколку дена ги барал низ тајгата, а потоа ја известил полицијата. Полицијата отишла на увид во шумата, но снегот веќе одамна ги имал покриено трагите од мечката.
На ловџијата му се заканува парична казна, а можно е и да го изгуби правото на оружје во период од околу една година. Вие, во меѓувреме, ако одите во Сибир, пазете на вооружени мечки.