Лошо сместување: Традиција на олимпијадите

1899398-39983761-2560-1440[1]

Во согласност со традицијата, и оваа олимпијада Олимпиското село се соочува со низа од логистички проблеми со смествувањето, пред сé поврзани со струјата и водоводните цевки. Ништо чудно да има нов хаштаг налик на оној #SochiProblems од 2014, со оглед на тоа што некои од олимписките тимови што пристигнаа од 22 јули, упатија сериозни поплаки.

Селото ќе треба да угости 17.000 луѓе за време на Олимпијадата, и околу 6.000 за време на Параолимпијадата, а работниците немаат многу време за да ги решат преостанатите проблеми – олимписките игри почнуваат веќе на 5-ти август, а неделава ќе пристигнат и најголем дел од тимовите.

Австралискиот олимписки тим, на пример, го оцени Олимпиското село како „невселиво“. Кити Чилер – Chef de Mission на австралискиот олимписки тим, објави соопштение во кое пишуваше дека Австралијанците нема да отседнуваат во олимпиското село во Рио, заради „сериозни проблеми“ со голи струјни жици, затнати тоалети, поплавени подови и неосветлени скали и ходници.

Организаторите на тимовите од Австралија, Нов Зеланд и Велика Британија спроведоа и „стрес тест“, како што го нарекоа, врз цевките за водовод. Не помина најдобро. Според изјавата на Чилер:

„Синоќа (сабота), решивме да направиме ‘стрес тест’ во кој чешмите и тоалетите беа симултано вклучени во апартманите на неколку катови, за да видиме дали системот ќе може да издржи штом се вселат спортистите.

Системот потфрли. Вода почна да се слива по ѕидовите, во некои апартмани имаше силен мирис на гас, а имаше и прекин во електричната инсталација“.

Village[1]

Интернационалниот Олимписки Комитет одговори прилично дипломатски, дека некои соби се завршени, а на други уште се работи, и тоа деноноќно. Сепак, и тие не очекуваат проблемите да бидат поправени одеднаш. „За жал, Рио 2016 очекува дека ќе бидат потребни уште неколку дена… Спортистите што пристигнуваат во селото, а чие сместување не е завршено, ќе бидат сместени во најдобрите можни сместувања во другите згради“, рече претставник од ИОК, нагласувајќи дека бојкотот на Австралија го сфаќа како „привремена мерка“, по која спортистите ќе се вратат во олимписките привремени живеалишта.

Од друга страна, градоначалникот на Рио не беше толку дипломатски настроен, дури немаше ни многу перде кога излезе пред медиумите. За бразилски весник, тој изјави:

„Сакаме овде да се чувствуваат како дома… (демек намерно течеле цевките). Речиси би ставил и кенгур да скока горе-доле пред нивната зграда“, додавајќи дека Олимпиското село 2016 е многу „пофино од она во Сиднеј“.

Австралијанците не беа расположени за ниски удари, па вратија со директ:

„Не ни требаат кенгури, ни требаат водоводџии што ќе се погрижат за многуте вирови кои ги најдовме во апартманите“, одговори Мајк Танкред од Австралискиот олимписки комитет.

Во меѓувреме, австралискиот тим престојува во блиските хотели, но Кити Чилер веќе се огласи дека официјалните лица на Рио 2016 оствариле „фантастичен прогрес“ и дека тимот ќе се всели во олимпиското село во среда – датум за кој паднал договор и со самиот градоначалник.

bedroom-rio-olympics-072516[1]
Повеќето ги оценуваат собите како обични, па дури и субстандардни.

Се жалат ли други?

Шефот на тимот на Нов Зеланд – Роб Вадел, рече дека е „разочаран“ што Селото не било подготвено, додавајќи дека „не било лесно“, но дека со малку „напорна работа“, нивните објекти биле подготвени за пристигнувањето на првите спортисти.

Карло Морнати – шефот на Италија, рече дека неговиот тим најмувал работници, електричари, водоводџии и ѕидари за да ги дотера апартманите „на ниво на нормални услови, колку што може побрзо“.

Персоналот на британскиот тим веќе престојуваше таму неколку дена, но изрази увереност дека сé ќе биде во ред за нивните спортисти. „Макар што откривме одредени потешкотии во одржувањето, тоа не е невообичаено за новоизградени структури од овој тип. Ние работевме напорно за да ги надминеме“.

Олимпискиот комитет на САД рече дека имало „минорни проблеми“, но ништо поразлично од „сите други Игри“.

По сé изгледа, лошото сместување во Рио е само дел од олимписката традиција, иако погледот од терасите изгледа како да се наоѓате во ресорт со 5 ѕведи.

pogled

- Реклама -