Ливерпул со 4-0 го совлада Саутемптон и го изедначи рекордот на Нотингем Форест од 42 натпревари без пораз, „црвените” сега го меркаат постигнувањето на Арсенал.
Машинеријата на Клоп продолжува да меле, денеска беше совладан Саутемптон со 4-0. „Светците“ беа рамноправен противник во првиот дел, но капитулираа веќе на стартот од вториот дел и тука се распаднаа.
Окс го отвори резултатот во 47. минута, Хендерсон зголеми на 2-0 по еден час игра, Салах погоди за 3-0, а во завршните мигови, Египјанецот реализираше по втор пат за конечни 4-0.
Со оваа победа, Ливерпул сега има 22 бода предност на врвот на табелата, а го изедначи и рекордот на Нотингем Форест, кој во периодот од ноември 1977 до декември 1978 година, на 42 меча во низа не знаел за пораз.
Пред „црвените“ сега е постигнувањето на Арсенал, „топчиите“ имаат серија од 49 меча без пораз.
На останатите натпревари од 16 часот, Борнмут со 2-1 ја совлада Астон Вила, Шефилд јунајтед со 0-1 триумфираше кај Кристал Палас, Вест Хем и Брајтон одиграа 3-3, Евертон во финишот со играч помалку го совлада Вотфорд со 2-3 а на натпреварот помеѓу Њукасл и Норич немаше погодоци.