Лига куп: Победи на Арсенал и Ливерпул, рекорд на Портер


Фудбалерите на Арсенал и Ливерпул изборија пласман во осминафиналето на англискиот Лига куп, но вечерта ја одбележа голманот на „Топчиите“ Џек Портер, кој стана најмладиот стартер во историјата на лондонскиот клуб.

Портер играше против Болтон со 16 години и 72 дена, соборувајќи го клупскиот рекорд кој претходно го држеше Сеск Фабрегас, кој имаше 16 години и 177 дена кога го започна натпреварот, исто така, во Лига купот против Ротерам Јунајтед во октомври 2003 година.

Портер стана вториот најмлад играч севкупно кој настапил во првиот тим зад Итан Нванери, кој го собори рекордот во Премиер лигата во септември 2022 година кога му беа дадени неколку минути во завршната фаза против Брентфорд на возраст од 15 години и 181 ден.

Арсенал немаше премногу проблеми против третолигашот Болтон победувајќи со 5:1. Головите за „топчиите“ ги постигнаа Деклан Рајс (16), Итан Нвенери (37, 49), Рахим Стерлинг (64) и Каи Хаверц (78), додека за гостите погоди Арон Колинс (53).

Понатаму оди и Ливерпул откако го совлада Вест Хем со 5:1. Гостите поведоа по автоголот на Џарел Квансах во 21. минута, но Ливерпул направи пресврт со головите на Диого Јота (25, 49), Мохамед Салах (74) и Коди Гакпо (90, 90+3). Вест Хем од 77. минута играше без исклучениот Едсон Алварез.

Претходно во осминафиналето победија Манчестер Сити, Манчестер Јунајтед, Челзи, Тотенхем, Астон Вила, Кристал Палас…

- Реклама -