Лига Европа: Победи на Тотенхем, Лацио и Хофенхајм, пораз на Сосиедад, реми на Ајакс


Во натпреварот од второто коло на Лига Европа, Хофенхајм со 2:0 го победи Динамо Киев. Откако ремизираше со Митјиланд во првото коло, германскиот бундеслигаш на свој терен го победи украинскиот претставник. Двата гола ги постигна Адам Хложек, првиот во 22. минута, а вториот во 60. минута на асистенција на Андреј Крамариќ.

Реал Сосиедад загуби од Андерлехт со 1:2 во Сан Себастијан. Баскискиот тим поведе уште во петтата минута со голот на Пабло Марино, но Андерлехт до крајот на полувремето го сврте резултатот. Луис Васкез израмни во 29. минута, а Тео Леони ги доведе гостите во водство во 40. минута. Во последните моменти од првото полувреме домашните речиси израмнија, но ударот на Ори Оскарсон заврши во рамката од голот.

Славија и Ајакс одиграа 1:1 во Прага. Натпреварот имаше грда увертира по судирот меѓу полицијата и гостинските навивачи. Група холандски навивачи се обиделе да влезат на стадионот без билет, што довело до конфликт.

Ајакс поведе во 17. минута од пенал. Андреј Змрзли го собори противникот, а судијата Трејманис покажа на белата точка. Сигурен беше Бранко ван ден Бомен. Домашните израмнија во 67. минута со голот на Томаш Чори. Од 75. минута Ајакс играше без исклучениот Јури Баас.

Лацио убедливо ја совлада Ница со 4:1 забележувајќи ја втората победа. Педро ги доведе домаќините во водство во 21. минута, а Тати Кастеланос во 36. минута погоди за 2:0. До крајот на полувремето намали Џереми Бога. Во продолжението од натпреварот римскиот тим постигна уште два гола, а стрелци беа повторно Кастеланос во 55 и Матија Закањи во 67 минута од пенал.

Тотенхем го победи Ференцварош со 2:1 во Будимпешта, со што стигна до втората победа. „Спарс“ поведоа во 24. минута со голот на Папа Матар Сара, во 86. минута Бренан Џонсон погоди за 2:0, а во 90. минута Барнабас Варга го намали водството.

Германскиот бундеслигаш Ајнтрахт Франкфурт убедливо со 3:1 го победи Бешикташ во Истанбул, Рома загуби со 0:1 на гостувањето кај Елфсборг во Шведска, исто како и ПАОК дома со ФЦСБ, додека Порто и Манчестер Јунајтед во најинтересниот меч на вечерта одиграа 3:3.

Откако во првото коло прокоцка 3:1 против Викторија Плзен играјќи 3:3, Ајнтрахт не ја повтори истата грешка во второто коло. Германскиот тим „набрза“ низ Истанбул совладувајќи го Бешикташ со 3:1. Гостите поведоа во 19. минута со голот на Омар Мармуш од пенал, а само три минути подоцна Ерик Дина Ебимбе ја зголеми предноста на Ајнтрахт. Чиро Имобиле можеше да го оживее Бешикташ во 27. минута, но пеналот не го реализираше, Кауа Сантос го одбрани неговиот удар. Победата на германскиот тим ја потврди Ансгар Кнауф во 82. минута. Домашните ја намалија негативата со голот на Артур Масуаку.

Твенте и Фенербахче одиграа 1:1. Мишел Влап го доведе холандскиот тим во предност во 29. минута, а израмни Душан Тадиќ во 71. минута.

ПАОК во Солун загуби со 0:1 од романската екипа ФЦСБ. Решавачкиот гол го постигна Даниел Бирлиега во осмата минута од судиското надополнување. Гостите мечот го завршија со играч помалку откако во 55. минута беше исклучен Дариус Олару.

Рома загуби со 1:0 на гостувањето кај шведски Елфсборг, а решавачкиот гол го постигна Мајкл Баиду во 44. минута од пенал.

Ројал Унион Сен Жилоаз и Бодо/Глимт одиграа без голови. Лион го декласираше Ренџерс со 4:1 во Глазгов и ја оствари втората победа. Малик Фофана ги доведе гостите во предност во 10. минута, но само четири минути подоцна израмни Томас Лоренс. Но, во 19. минута Лион дојде до нова предност со голот на Александре Лаказет, а истиот играч во судиското надополнување на првиот дел погоди за 3:1. Вториот гол на натпреварот го постигна Фофана во 55. минута.

Порто и Манчестер Јунајтед одиграа одличен натпревар кој заврши 3:3. Јунајтед воеше со 2:0 по 20 минути со головите на Маркус Рашфорд (7) и Расмус Хојлунд (20), но Порто успеа да израмни до крајот на полувремето, а стрелци беа Пепе (27) и Саму Омородион (34). Двајцата беа заслужни и за третиот гол на Порто, Пепе асистираше а младиот 20-годишен шпански напаѓач го постигна вториот гол. Во 81. минута Јунајтед остана со играч помалку откако Бруно Фернандеш „поцрвене“. Тоа е второ исклучување во низа за португалскиот играч за врска, бидејќи мораше да се „олади“ и на последниот првенствен меч против Тотенхем, кој ги совлада „Црвените ѓаволи“ со 3:0. Англискиот тим сепак освои бод во Порто, по изведен корнер Мегваер погоди во судиското надополнување за 3:3.

- Реклама -