Лидерот на Хезболах: „Операцијата на Хамас беше одлична, 100% палестинска и немаше негативна страна“

Лидерот на милитантната група Хезболах, Хасан Насралах, денеска првпат одржа говор од 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел.

Насралах говорот го почна со оддавање на почит на либанските и палестинските „маченици“ убиени во судирот со Израел. Тој соопшти дека загинатите либански и палестински борци добиле медали и рече дека денеска ќе се разговара со нивните семејства.

Обраќањето на Насралах уследи откако Хезболах вчера изврши најголем напад врз Израел досега. Групата соопшти дека почнала 19 симултани напади врз израелската армија и првпат употребиле експлозивни дронови.

Насралах им се заблагодари на милитантите во Јемен и Ирак кои учествувале во битката, потенцирајќи дека војната на Хамас против Израел се проширува на повеќе од еден фронт.

Насралах се осврна и на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, тврдејќи дека операцијата била само на Палестинците.

„Операцијата на Хамас беше одлична, таа света операција беше 100 проценти палестинска. Оваа операција немаше негативна страна и не можеа поинаку“, рече Насралах.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Тој додаде тајно планираниот напад од Хамас ќе има трајни последици. „Оваа славна, сеизмичка операција, предизвика пресврт на безбедносен, воен, политички, дипломатски, па дури и психолошки план. Тоа ќе има длабоки стратешки последици“, истакна лидерот на Хезболах.

Според него, Израел си поставил премногу високи цели кога станува збор за обидот да го уништи Хамас и да ги елиминира неговите лидери. Насралах изрази и сомневање за тоа дали Израел е способен да ја постигне целта за ослободување на заложниците, бидејќи, како што рече, и во минатото бил принуден да преговара за ослободување на заробениците.

Лидерот на Хезболах е водечки глас во регионалната воена алијанса основана од Иран за да им се спротивстави на САД и Израел, позната како „Оска на отпорот“.

Извор: МИА

- Реклама -