Левица со нова, деветта кривична пријава за Талат Џафери

Пратениците на Левица – Димитар Апасиев и Борислав Крмов, со нова кривична пријава, како што велат од партијата, му го честитаа заминувањето на Талат Џафери од спикерското столче.

Имено, тие до Основното јавно обвинителство – Скопје денес поднесоа заедничка кривична пријава против претседателот на Собранието, заради основано сомневање за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“ – казниво по чл. 353-в од Кривичниот законик, со запретена затворска казна до три години, информираат од партијата.

„Пријавата, која е деветта по ред против беззаконието и силеџиството на овој амнестиран терорист, е поднесена поради пропуштање должен надзор и злонамерно несовесно постапување во случаите со шверцуваните пет закони за ‘Бехтел и Енка’ (Законот за стратешки партнер за коридорите 8 и 10-д + Законот за урбанистичко планирање + Законот за градење + Законот за експропријација + Законот за работни односи), кои спротивно на сите деловнички правила беа пуштени со европско знаменце – без пополнета кореспондентна табела и без потпис од надлежните министри.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Пријавениот бил должен истите да ѝ ги врати на Владата, како предлагач, со барање за усогласување со одредбите од Деловникот – а не го сторил тоа, поради што го довел парламентот во заблуда и ги повредил загарантираните уставни права на пратениците, за што подлежи на кривично-правен прогон по службена должност“, наведуваат од Левица.

Од партијата посочуваат и дека нивниот правен тим подготвува уште најмалку две кривични пријави против Џафери, за, како што велат, различни кривични дела против службената положба и овластување. Процесуирањето на овие пријави/дела ќе биде услов на Левица за учество во било која идна Влада на Република Македонија, потенцираат од партијата.

- Реклама -