Левица со кривична пријава за Талат Џафери за спречување на референдумот, казната е најмалку 3 години затвор – Џафери не е загрижен

Правниот сектор на Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, денеска поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, бидејќи тој, своеволно и спротивно на Уставот, Законот и Деловникот го оневозможил спроведувањето на граѓанската иницијатива на државно ниво за собирање на 150.000 потписи за распишување задолжителен дополнителен референдум за Законот за ратификација на Договорот за добрососедство со Бугарија, информираа од партијата.

Како што посочија од Левица, пријавениот се товари дека намерно и со умисла, преку противуставното, противзаконското и противделовничкото одбивање на уредната граѓанска иницијатива, поднесена од страна на група од 646 граѓани, на пропишаниот образец од страна на Државната изборна комисија – сторил тешко кривично дело против изборниот систем – „Спречување на избори и гласање“, казниво по чл. 158, ст. 1 од Кривичниот законик, со запретена минимална затворска казна од најмалку 3 години.

Во пријавата се нотира дека, „со ова свое инкриминирано деликтно дејствие, преку злоупотреба на своите службени овластувања, пријавениот арбитрарно го ускратил врховното колективно уставно право на граѓаните, како носители на народниот суверенитет, на т.н. директна демократија, свесно спречувајќи нивно непосредно изјаснување по пат на референдум.

Со тоа, тој од старт ја осуетил и ја спречил законската можност за собирање потписи за распишување државен референдум, гарантирана во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, манипулирајќи ја и непочитувајќи ја изречно предвидената подзаконска деловничка процедура за постапување во случај на поднесена иницијатива од група-граѓани, како овластени предлагачи“.

Од Левица наведуваат и дека:

„Имено: (1) Спикерот не е надлежен да се впушта во мериторно оценување на иницијативата за распишување референдум, туку исклучиво може само да ја цени нејзината уредност, како поднесок, од формално-правен аспект; (2) Toj не можел сам, без претходно прибавено мислење од две собраниски комисии, да одлучи за уредноста на иницијативата; (3) Џафери бил должен прашањето да го префрли на парламентарниот пленум на Собранието, поради тоа што само тоа има уставна и материјална надлежност да цени дали истата ќе продолжи или ќе запре, бидејќи единствено Собранието, во полн состав, на пленарна седница, е надлежно ad meritum да одлучи за уредноста или неуредноста на поднесената граѓанска иницијатива – преку носење на подзаконски правен акт наречен „Заклучок“ (а не „Известување“)!?“.

Прочитајте и:  Левица против Гаши со претставка до Антикорупциска комисија

Џафери, пак, тврди дека целосно го испочитувал Уставот и не направил преседан.

„Целосно го испочитував Уставот како највисок правен орган. Надлежост на претседателот на Собранието е да ја испитува уредноста на иницијативите. Како уставна категорија, два прописа се значителни и решителни за работата на Собранието, Уставот и Деловникот. Должен сум да ја имам суштината предвид. Нека покренат кривична пријавастопати претходно покренаа кривични против моите одлуки, и сите одлуки се во моја полза“, изјави собранискиот спикер синоќа во гостување на „ТВ24“.

Џафери потенцираше и дека секој граѓанин има право да му ја оспори одлуката ако смета дека е спротивна на Уставот.

„Не правам преседан, туку јас како претседател на Собрание уште еднаш докажувам дека, врз основа на мојата прва изјава од 2017 година, дека нема да дозволам да се узурпира институцијата Парламент и не зависам од ниту една политичка одлука која и да е. Ако имаат проблем во смисла дека не смеам јас тоа да го кажам, туку требало Уставниот суд, секој граѓанин има право да го оспори моето известие. Јас спроведував Устав. Јас сум убеден дека работа што е недозволива не смеам да ја пуштам во собраниска процедура. Одлуката не ми е политичка, туку е моја обврска како претседател на Собранието. Нема да дозволам да се узурпира институцијата Парламент, и не зависам од ниту една политичка одлука, ниту од мојата партија и лидерот Ахмети. Тој не може да одлучува за она што мене ми е пропис, зошто утре тој нема да одговара“, рече Џафери.

- Реклама -